Пратеничката од ЛДП ги повика своите колеги пратеници, но и сите функционери, да заверат изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата. Доколку се увиди дека некој имал двојно државјанство, вели Зајкова, треба веднаш да си поднесе оставка
Реагирајќи на предлог-законските измени на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се предвидува пратеник во Собранието да може да стане лице што има само македонско државјанство, пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека ваквата одредба не треба да важи само за пратениците, туку и за сите избрани и именувани функционери.

„Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на ‘големите’ партии. Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите – така да важи и за сите избрани и именувани лица. Без исклучок. Од денес. Еве, нека немаат двојно државјанство и пратениците, и министрите, и директорите – сите. И тоа да важи за сегашните, без одлагање“,
коментира Зајкова во објава на Фејсбук.
Таа ги повика своите колеги пратеници, но и сите функционери, да заверат изјава пред нотар дека немаат друго државјанство освен македонското, како и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата. Доколку се увиди дека некој имал двојно државјанство, вели Зајкова, треба веднаш да си поднесе оставка. Дополнително, таа ги повика пратениците кои се предлагачи на законските измени да побараат оставки од министрите кои евентуално имаат или имале двојно државјанство во моментот на изборот.
„Како до вчера било во ред, а сега не е. Или ќе го држат ставот до крај – или ќе бидат обвинети од јавноста за дволичност. Еве, јас волонтирам, нека почне од моето државјанство. Подготвена сум да заверам изјава пред нотар дека не сум имала друго државјанство. Па бујрум, колеги и функционери – сите искрено, на проверка и на нотар“,
вели Зајкова.
Пратеникот Бојан Стојаноски вчера изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднела измени на Законот за пратеници со кои се предвидува пратеник да може да стане само лице што има само македонско државјанство. Стојаноски рече дека законското решение ќе важи и за сегашниот собраниски состав, не само за тие што ќе бидат избрани понатаму.
