Оттаму предупредуваат дека секој обид за укинување на техничката влада во вакви услови е директен напад врз демократијата и слободните избори и нагласуваат дека како партија ќе се спротивстават

Опозицискиот СДСМ алармира дека власта предводена од Христијан Мицкоски се подготвува за предвремени избори преку „шверцерски“ измени на Законот за Влада.
Според СДСМ, власта протнува законски измени со кои сакаат да ја укинат техничката влада односно единствениот механизам за контрола во изборен период.
Инаку, измените на Законот за Влада, како што е објавено на веб-страницата на Собранието, утре се на дневен ред на пленарна седница.
Како што велат од СДСМ, ова доаѓа „по силниот пад на довербата на граѓаните во ВМРО-ОКГ од над 150 000 гласови“.
„Ваквите закони во времето на СДСМ се носеа со консензус, а не шверцерски како што тоа се обидува да го направи владата на ВМРО. Зошто сега турка без согласност на СДСМ?“,
се вели во соопштението до партијата.
Оттаму предупредуваат дека секој обид за укинување на техничката влада во вакви услови е директен напад врз демократијата и слободните избори и нагласуваат дека како партија ќе се спротивстават.
„Техничката влада мора да остане затоа што е последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на изборниот процес и единствен обид за фер и демократски избори“,
велат од СДСМ.
Од партијата велат дека ова се прави во време кога граѓаните се соочуваат со сè повисоки цени и сè потежок живот, а владата на Мицкоски нема решенија.
Во соопштението се упатуваат обвинувања и дека има целосна окупација на правосудниот систем и оти е воспоставена контрола врз обвинителството и судството со подобни обвинители и судии блиски до Мицкоски.
„Премиерот Мицкоски јавно дели задачи од собраниска говорница, нарачува прогон врз опозцијата со неговите ‘чувства’. Сите институции се партизирани и поклопени, се спроведува брутална партизација и на МВР“,
велат од СДСМ.
Според СДСМ, институциите со месеци не постапувале по пријавите за корупција и криминал за власта.
„Сега им снемува пари, се менуваат закони“,
додаваат од СДСМ.
Инаку, најавите за укинување на техничката влада дојдоа на почетокот на годинава кога премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе свика лидерска средба на која теми на дискусија би биле реформските закони и укинувањето на техничката влада што се избира 100 дена пред парламентарни избори.
По средбата на која не беше лидерот наСДСМ, Венко Филипче, Мицкоски рече дека генерално, сите се согласиле дека техничката влада треба да замине во минатото.
Мицкоски тогаш рече дека ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на Пржинската влада, таа може да важи и за следните избори, па потоа да се укине.
Но, како што оцени премиерот, ќе треба да се направат измени во Законот за Влада зашто има промена во ресорите.
Претседателот на Собранието Африм Гаши тогаш рече дека не верува оти Владата ќе предложи законски измени за укинување на техничката влада без да има начелен договор меѓу партиите.
