Како што информира министерката за образование, Државниот просветен инспекторат веќе го завршил својот дел од постапката, донел заклучоци и ги проследил до Филозофскиот факултет, кој, според Јаневска, веќе работи по нив и треба да донесе извештај
Дел од медиумите објавија дека студенти без завршени додипломски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ биле запишувани на магистерски, а потоа и на докторски студии, спротивно на условите од Законот за високото образование
Државниот просветен инспекторат констатирал нерегуларности при упис на студенти на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потврди денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Како што информира таа, Инспекторатот веќе го завршил својот дел од постапката, донел заклучоци и ги проследил до Филозофскиот факултет, кој, според Јаневска, веќе работи по нив и треба да донесе извештај.
Министерката не сподели повеќе детали во врска со случајот, оставајќи првин да го добие извештајот и да донесе конечно решение како овластено лице по тоа прашање.
„Констатирани се нерегуларности на Филозофскиот факултет, но не при упис на додипломски, туку при упис на постдипломски студии во втор и во трет циклус студии.
Државниот просветен инспекторат постапуваше, донесе заклучоци, го информираше Факултетот. Факултетот треба да постапи, и колку што мене ми е познато постапува, и јас го чекам конечниот извештај откако ќе помине рокот за постапување за да како министер овластен во таа област го донесам и конечното решение“,
изјави министерката за образование и наука одговарајќи на новинарски прашања на маргините на настанот „Зеленикс – од предизвик до иновација“, организиран од Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемаштво – ИНОВА.

Инаку, дел од медиумите објавија дека студенти без завршени додипломски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ биле запишувани на магистерски, а потоа и на докторски студии, спротивно на условите од Законот за високото образование. Ваквите нерегуларности биле откриени од Државниот просветен инспекторат, по што на запишаните студенти им биле прекинати студиите во втор и трет степени.
Според објавените информации од медиумите, наводно станува збор за десетина студенти кои се запишале на магистерски и докторски студии, без да го имаат завршено првиот степен од високото образование. Поради настанатата ситуација, студентите си ги побарале парите што ги платиле за упис на втор и на трет степен студии, но наводно досега не добиле никаков одговор од Филозофскиот факултет.
