За разлика од коалицијата „Обнова“, која нема поддршка меѓу етничките Албанци во земјава, коалицијата „Можеме“ се наметнува како трета опција според рејтингот во овој блок, по ДУИ и Алијансата
СДСМ стартува со блага предност пред ВМРО-ДПМНЕ во кампањата за парламентарните избори на 15 јули, според анкета на агенцијата М-Проспект“, што ќе биде објавена во целост вечерва на Телма.
Според резултатите од телефонската анкета, со која биле опфатени 1 003 испитаници, за коалицијата „Можеме“, што ја предводи СДСМ, би гласале 23,5проценти од гласачите. За коалицијата „Обнова“ на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се определиле 21, 9 отсто.

Доверба во ДУИ искажале 6,4 отсто од испитаниците, а следна политичка опција е Алијансата на Албанците, која оди во коалиција со Алтернатива – со пет проценти доверба кај гласачите.
Новата конзервативна партија – Интегра, на стартот на предизборието, има еден процент поддршка, а сите други политички субјекти што учествуваат на овие избори се со рејтинг под 1 отсто.
Високи 19,7 отсто од испитаниците се изјасниле дека нема да гласааат, додека 18,3 проценти одбиле да одговорат за која партија или коалиција би гласале.
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која нема поддршка меѓу етничките Албанци со право на глас во земјава, СДСМ, со коалицијата во која е и Беса, се наметнува како трета опција според рејтингот во овој блок – со поддршка од седум отсто. Во водство меѓу етничките Албанци во земјава е владејачката ДУИ – со 27,4 проценти рејтинг, а следна е Алијансата за Албанците – со поддршка од 21,2 отсто, додека рејтингот на ДПА е 3,5 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, е во водство кај етничките Македонци со 30,4 отсто доверба, наспроти коалицијата на СДСМ, која има поддршка од 27,5 проценти. Но оваа предност од близу три процентни поени се топи со оглед на поддршката што СДСМ ја има кај гласачкото тело на Албанците, така што владејачката партија кај вкупниот електорат засега има благо водство од 1,6 процентни поени пред главната опозициска партија.