Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 13 април 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува гастроентерологот со светско реноме Иво Бошкоски, кој работи во болницата „Џемели“ во Рим
Роден е во Тетово во 1981 година во семејство на инженер и економистка, а сега е гастроентеролог со светско реноме, кој работи во болницата „Џемели“ во Рим. По завршување на основното образование и гимназија во Тетово, Иво Бошкоски во 1999 година почнал да студира на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје. Во 2002 г., по поканата од амбасадата на Италија, решил да си ја проба среќата и да се запише на медицинскиот факултет во Перуџа, Италија. И успеал – бил четврти од 1 600 кандидати на приемниот испит. Тоа е почетокот на неговата докторска и научна кариера, која со многу работа и посветеност го води до престижната „Џемели“ и Католичкиот универзитет во Рим. Таму не само што усовршува гастроентерологија, туку и се посветува и на науката, станувајќи автор или коавтор на бројни иновативни методи во неговата област. Неодамна, со уште тројца физичари, Бошкоски доби грант од шест милиони и 450 илјади евра од Европскиот истражувачки центар, за револуционерен проект за развој на сонда со дебелина од едвај два милиметри, која во исто време ќе врши дијагноза и ќе дава терапија. Повеќе во разговорот со него.
