Полицијата вчера извршила претрес на две локации кај Љупчо Палевски и, како што тврди тој, барале „бомби“.
Палевски, во видеопорака објавена денеска на неговиот профил на Фејсбук, снимена како што тврди преку стар телефон кој го нашол при што му помогнале „другари и пријатели“, вели дека вчера околу 18 часот четворица вработени во МВР му влегле во собата во хотелот ВИП, каде што се наоѓа во државен карантин, и му ги одзеле сите електронски уреди: телефонот, компјутерот, дисковите со „сериозна вредност“.
Потоа, вели тој, со возило на Брза помош бил однесен во неговата куќа, каде што живеат неговата сопруга и ќерката, и таму бил направен уште еден претрес, при што и оттаму биле одземени сите електронски уреди.

„Бараа ‘бомби’ кои јас не ги пуштам. Не само што не ги пуштам туку и не поседувам“, вели Палевски кој тврди дека претресите биле спроведени по приватна кривична пријава од Сашо Мијалков, кој го посочил него дека објавува „бомби“ и го компромитира.
Претресот го потврдуваат и од МВР.
„На 23 јули 2020 година полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал и СВР Скопје извршија претрес во хотел и локација каде што претходно престојувало лицето Љ.П. Претресот и активностите се извршени по претходно добиена судска наредба и по насоки и координација со основен јавен обвинител од ОЈО Скопје. При претресот е пронајдена и одземена компјутерска опрема која ќе му биде предадена на основен јавен обвинител“,
велат од МВР.
Од обвинителството, пак, засега немаат информации за настанот.
„Во обвинителството досега не е доставено известување во врска со настанот“,
велат оттаму.
Ова не е првпат Љупчо Палевски да се споменува како лице кое поседува „бомби“. Против него и уште три други лица во мај лани беше поднесена кривична пријава за неовластено прислушување и тонско следење откако во текот на кампањата за ланските претседателски избори на собир во Прилеп на разглас пуштаа прислушувани разговори. За него се интересираше и СЈО, беше приведуван и повикуван на распит, му се правеше претрес, но немаше покренато обвинение ниту информација што и дали е најдено нешто кај него. Сомнежот наводно бил дека поседувал дел од „бомбите“.
Љупчо Палевски на почетокот на месецот беше пуштен од притвор во Хрватска откако лани во септември беше приведен на аеродромот во Белград по претходно издадена потерница од хрватските власти за, како што тврдеше неговиот адвокат, долг на негова фирма. Тој помина околу 8 месеци во притвор во Србија, потоа беше спроведе во Хрватска од каде што го пуштиле.
