„Правдата не познава рок на траење. Судските пресуди мора да се извршат. Организирана криминална група ВМРО и Христијан Мицкоски со години го бранеа и штитеа својот шеф Груевски. Сега дојде моментот правдата конечно да биде задоволена и Груевски да ја отслужи изречената казна во Македонија. Граѓаните долго го чекаа овој момент“, се вели во соопштението на СДСМ по денешната изјава на победникот на изборите во Унгарија во која тој најави екстрадиции на странски политичари кои се бараат за криминал
Опозицискиот Социјалдемократски сојзу на Македонија (СДСМ) попладнево ја поздрави изјавата на победникот на изборите во Унгарија, Петер Маѓар дека нема да дозволи неговата земја да биде засолниште на лица кои се бараат во своите матични држави поради сторен криминал, при што, во тој контекст, го наведе и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

„Новата унгарска власт повеќе нема да обезбедува засолниште за луѓето кои бегаат од правдата. Маѓар експлицитно наведе дека Унгарија ќе ги испрача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го означи Никола Груевски како криминалец“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Оттаму потсетуваат дека експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, избега од земјава во 2018 година и најде засолниште во Будимпешта, каде, како што наведуваат социјалдемократите од Бихакќа, со години се криеше под заштита на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој по 16 години на власт, на вчерашните парланментарни избори доживеа тежок пораз од Тиса на Петер Маѓар.
„Ова е конечен крај на ерата во која Будимпешта беше безбедно засолниште за осудени корумпирани функционери. Правдата не познава рок на траење. Судските пресуди мора да се извршат. Организирана криминална група ВМРО и Христијан Мицкоски со години го бранеа и штитеа својот шеф Груевски. Сега дојде моментот правдата конечно да биде задоволена и Груевски да ја отслужи изречената казна во Македонија. Граѓаните долго го чекаа овој момент. Доаѓа време на правда и одговорност“,
наведуваат од Социјалдемократскиот сојуз.
Дека Груевски повеќе нема да се крие во Будимпешта синоќа наведе и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, опишувајќи го исходот од парламентарните избори во Унгарија.
„Криминалната организација ВМРО останува без својот единствен сојузник во ЕУ. Нема повеќе криење на Груевски во Будимпешта, ниту бизнис комбинации“,
напиша лидерот на СДСМ во објава на социјалната платформа Икс.
На неговата објава денеска реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде упатија повик Филипчеда престане да се фокусира на изборни процеси во други држави и да започне со внатрешно прочистување на партијата со која раководи.
Победникот на вчерашните избори во Унгарија, Петер Маѓар денеска на прес-конференцијата која траеше безмалку три часа, беше прашан од новинарите за евентуална екстрадиција на двајца поранешни полски функционери, Збигњев Жибро и Марцин Романовски, кои Варшава ги бара со меѓународна потреница, а кои добија азил во Унгарија.
Одговарајќи на прашањето унгарскиот политичар, кој речиси со сигурност ќе биде нов премиер на Унгаријаиако прашан само за двајцата поранешни полски функционери, самиот се осврна на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски.
„Мислам дека бев многу јасен по тоа прашање кога говорев претходно. Реков дека не треба да купуваат мебел во Унгарија од ИКЕА, бидејќи нема да останат долго. Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци. И тоа не се однесува само на нив, туку и на г. Никола Груевски, поранешен претседател на Владата на Северна Македонија, кој, исто така, е престапник“,
рече Маѓар.
