Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелното раководство на СДСМ треба да се огради од Зоран Заев и „сите нему блиски сомнителни проруски бизнис-партнери во матни и криминални зделки“ за, како што велат, партијата да застане на свои нозе

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати повик до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да престане да се фокусира на изборни процеси во други држави и да започне со внатрешно прочистување на партијата, за која велат дека по последните изборни резултати се наоѓа на работ на политичко исчезнување.
Повикот доаѓа откако денеска од опозициската партија рекоа дека по поразот на изборите на доскорешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, ВМРО-ДПМНЕ останува без својот единствен сојузник во ЕУ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека актуелното раководство на СДСМ треба да се огради од Зоран Заев и „сите нему блиски сомнителни проруски бизнис-партнери во матни и криминални зделки“ за, како што велат, партијата да застане на свои нозе.
Според нив, доказ дека СДСМ постојано паѓа се резултатите на минатогодишните избори на кои паријата едвај е трета во некои општини, а во некои дури и петта.
„Филипче, затоа помалку грижи се за избори и изборни резултати во други држави. Засукај ги ракавите и стави ја својата партија, на здрави нозе, ако може да се каже дека е твоја, бидејќи ти си таму само чувар на фотелјата. И тоа е пред се важно, бидејќи за развој на една држава потребна е здрава опозициска партија, опозициска партија која стои на свои нозе. Само така ќе помогнете во и за државата и за граѓаните“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека доколку Филипче „продолжи да се вози на приказната на Заев“, СДСМ може да се соочи со исчезнување од политичката сцена.
Сметаат дека криминалите на Зоран Заев мора да ги истражат надлежните правосудни органи во Македонија.
„Такви матни кримипартнери Заев има повеќе. Меѓу нив се сомнителни имиња на некои бизнисмени како Миодраг Дака Давидовиќ, Александар Онишченко, Борче Марковски“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, еден од последните случаи за кои Филипче должи одговор е зделката Заев-Дака. Од партијата обвинуваат дека во 2020 година владата, тогаш предводена од Заев, дозволила да се менува урбанистичкиот план во Тетово со што на бизнисменот Дака му се овозможило заработка во висина од околу 200 милиони евра.
„Филипче, сега, како чувар на фотелјата на Заев во СДС е должен да одговори, дали бил договорен и процент од продажбата на становите кои во тоа време биле проценети на 200 милиони евра?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
