Од Еврејската заедница велат дека првпат во поновата историја бил извршен ваков чин, што за нив не е само напад врз верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит

Еврејската заедница во Македонија соопшти дека денеска бил извршен обид за опожарување на нејзиниот објект и синагогата.
Од Заедницата велат дека првпат во поновата историја бил извршен ваков, чин што за нив не е само напад врз верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит.
„Еврјеската заедница како најмалобројна, но историски длабоко вкоренета заедница на овие простори уште од времето на антиката отсекогаш го градела својот опстанок и придонес врз принципите на мир, солидарност и заедништво. Ние сме живееле посебно во нашите верски традиции, но заедно во секојдневието – рамо до рамо со сите наши сограѓани, споделувајќи ги и радостите и премрежјата на ова општество“,
се вели во соопштението потпишано од претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви.
Во соопштението се вели дека во последните години се засилуваат појавите на говор на омраза, нетолеранција и опасно поистоветување на Евреите со сложените геополитички случувања на Блискиот Исток. Од Заедницата сметаат дека таквите тенденции не се само погрешни, туку и длабоко неправедни и го отвораат патот за оживување на антисемитизмот.
„Обидот за подметнување пожар е алармантна последица токму на таквата атмосфера. Остро и недвосмислено го осудуваме овој чин. Истовремено, повикуваме на јасна, гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани. Само преку заедничка одговорност и будност можеме да обезбедиме ваквите појави никогаш повеќе да не се повторат“,
пишува во соопштението.
И од Министерството за внатрешни работи (МВР) излегоа со информации за случајот.
„Во СВР Скопје, изутрината во 07:22 часот, Ј.Ј. пријавил дека на ул. ‘Апостол Гусларот’ во двор од верски објект забележал канистар за гориво и траги од горење. Веднаш по добиената пријава од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информира МВР.
Еврејската заедница ги повика надлежните органи целосно да го расветлат случајот, но, како што велат, уште поважно – апелираат општеството да не дозволи омразата, стравот и незнаењето да станат погласни од разумот, човечноста и правдата.
