Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс рече дека САД ја дале својата конечна и најдобра понуда, а Иранците одбиле да ги прифатат американските услови за договор. Додаде дека по повеќечасовни преговори, Иран не се откажал од својата нуклеарна програма, што беше едно од клучните прашања во разговорите
Потпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, рече дека несогласувањето околу две или три клучни прашања спречило договор со САД. Иако иранските државни медиуми објавија дека Техеран во моментов нема планови за уште една рунда преговори сè додека САД не се согласат на разумен договор, портпаролот на иранското МНР рече дека дипломатијата никогаш не завршува
И покрај маратонските преговори, кои продолжија до доцна во ноќта во Исламабад, САД и Иран не успеаја да постигнат договор за завршување на конфликтот и за отворените прашања меѓу двете земји.

Американскиот поптретседател Џеј-Ди Венс денеска го напушти Пакистан и рече дека од преговорите со иранските претставници во Исламабад носи добра и лоша вест.
„Имавме серија суштински разговори со Иранците, тоа е добрата вест. Лошата вест е дека не постигнавме договор. Мислам дека тоа е лоша вест за Иран, а не за САД. Значи, се враќаме во Соединетите Држави без постигнат договор. Многу јасно им ставивме до знаење на Иранците кои се нашите црвени линии.“
рече американскиот потпретседател во изјава за медиумите пред да замине од Исламабад.
Венс рече дека САД ја дале својата конечна и најдобра понуда, а Иранците одбиле да ги прифатат американските услови за договор, за кои рече дека биле доста флексибилни. Додаде дека по повеќечасовни преговори, Иран не се откажал од својата нуклеарна програма, што беше едно од клучните прашања во разговорите.
„Треба да видиме позитивна посветеност дека Иран нема да се стреми кон нуклеарно оружје и дека нема да бара алатки што ќе им овозможат брзо да се здобијат со нуклеарно оружје. Тоа е основната цел на претседателот на САД и тоа е она што се обидовме да го постигнеме преку овие преговори“,
рече Џеј-Ди Венс.
Во врска со преговорите во Исламабад се огласи и потпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, кој рече дека несогласувањето околу две или три клучни прашања спречило договор со САД. Тој посочи дека двете страни постигнале договор за некои прашања, но дека имаат разлика во ставовите за други.
Иако иранските државни медиуми објавија дека Техеран во моментов нема планови за уште една рунда преговори сè додека САД не се согласат на разумен договор, портпаролот на иранското МНР рече дека дипломатијата никогаш не завршува и дека не треба да се очекува оти може да се постигне договор на првата рунда преговори.
Ниту Вашингтон ниту Техеран не наведоа што ќе се случи по двонеделниот прекин на огнот, но пакистанските медијатори ги повикаа двете страни и натаму да го одржат примирјето.
„Императив е страните да продолжат да ја почитуваат својата посветеност на прекинот на огнот“,
рече пакистанскиот министер за надворешни работи, Ишак Дар, додавајќи дека неговата земја ќе продолжи да посредува помеѓу САД и Иран.
Вчерашните преговори помеѓу САД и Иран во Исламабад, кои се сметаат за први на највисоко ниво од Исламската револуција во 1979 година, доаѓаат по повеќе од еден месец конфликт, кој започна со воздушни напади на Соединетите Држави и Израел врз Иран на 28 февруари. Како одговор, Иран испали балистички ракети кон неколку неутрални земји во Персискиот Залив и кон Израел, по што го затвори Ормускиот Теснец – еден од најзначајните нафтени коридори во светот.
