ДКСК обезбеди пристап до трансакциските сметки на сите учесници со цел увид во средствата што се прибираат за финансирање на изборната кампања
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ги потсетува институциите, функционерите и останатите чинители да се почитува Изборниот законик и да се почитуваат и ограничувањата и забраните на одредени активности во изборен период.
Тие потсетуваат дека не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
„Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори. Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“,
велат од ДКСК.
Во периодот од 20 дена, пред отпочнување на изборна кампања, па до завршување на изборот на пратеници во Собранието и изборот на Владата согласно со резултатите од изборите, ДКСК потсетува дека не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.
„Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање“,
велат од ДКСК.
За потребите на изборната кампања, забрането е користење канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.
„Истовремено укажуваме дека ДКСК не да дава мислење/согласност по доставени барања за мислења од институциите, а кои се однесуваат на вршење активности претходно опфатени со забраните. Одговорноста за работењето на институциите е на нивните одговорни лица“,
се вели во соопштението.
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.
ДКСК ја повика јавноста да го користи „Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал“ објавен на веб-страницата на ДКСК, и секоја злоупотреба на возилата за партиски цели да биде пријавена.
На веб-страницата на ДКСК е поставен образец „Пријава“ и секоја повреда на претходно наведените ограничувања да биде пријавена и поднесена преку мејл.
„Оваа година ДКСК воспостави посеопфатно следење на активностите на учесниците во изборната кампања. Обезбеден е пристап до трансакциските сметки на сите учесници со цел увид во средствата кои се прибираат за финансирање на изборната кампања. Обезбеден е пристап до бази на податоци од неколку институции со кои ќе може да се врши вкрстена проверка на прибраните финансиски средства“,
велат од ДКСК.
Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, се наведува во соопштението.
