Универзитетскиот професор и член на тимот на „Фајненс тинк“ вели дека Владата нема многу простор за дарежливи мерки во голем обем во случај поскапувањето на горивата поради војната во Иран и соседството да почне да се прелева и на други цени. Истрошен е фискалниот „браник“, вели тој, затоа што поради претходните кризи во последниве години јавниот долг на земјава се приближи до психолошките 60% од БДП
Според Петрески, она што може да се очекува се таргетирани мерки. За пример ја посочува Грција каде се воведоа ваучери за гориво за посиромашните категории граѓани
360°: Државниот завод за статистика ги објави најновите податоци за инфлацијата. Цените поскапеле за 0,7% споредено со минатиот месец и 4,9% споредено со минатата година. Finance Think набрзо објави анализа на овие бројки во којашто се вели дека поради војната во Иран и соседството, освен горивото, поскапеле и транспортните услуги, а веќе се забележува и поголемо поскапување на тутунските производи и алкохолните пијалоци. Дали има опасност ова поскапување да се прелие и во други категории на производи и услуги, според она што го анализираше Finance Think?
Марјан Петрески: Значи, за да ова го процениме, нас ни е побитна во моментот месечната динамика. Месечната динамика, спомнавте вие, забележуваме 0,7% пораст на општото ценовно ниво во март во однос на февруари. И ако погледнеме наназад неколку месеци, ќе видиме дека тоа не е драматично различно од она што го гледавме во претходните месеци или во текот на 2025 година. Така што, севкупно гледаме многу мало, незначително прелевање врз општото ценовно ниво.
И тоа сега дополнително е потврдено со годишната стапка. Годишната стапка навистина е релативно висока, 4,9% во март годинава споредено со март лани. Меѓутоа, избрзано е да се каже дека тоа значи ефектот од кризата. Напротив, треба да погледнеме што се случувало во март лани и да потсетам дека тогаш ја имавме Велигденско-Рамазанската кошница, којашто значеше замрзнати цени и маржи на одредени производи од храна и некои основни хемиски производи. Што значи дека сме имале многу ниска споредбена основа и заради таа ниска споредбена основа, ние сега забележуваме релативно висок раст кога гледаме на годишно ниво, што се потврдува и со бројката опсервирана само кај храната којашто била главен предмет на замрзнување.
Така што, како заклучок, во моментот со мартовските податоци ние не гледаме некое значајно прелевање на кризата врз општото ценовно ниво. Но, се разбира, тоа не значи дека нема да дојде, особено ако конфликтот продолжи, се интензивира, ако неизвесноста опстои, особено во поглед на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

360°: Да, ако кризата продолжи и ако не се постигне траен мир, на кои производи или услуги треба да се очекува дека најбрзо ќе видиме значително зголемување на цените?
Марјан Петрески: Така е. Прелевањето вообичаено ќе оди прво преку транспортните трошоци и очекувам дека најбрзо ќе се согледа кај производите од храна. Но, потоа набрзо веројатно ќе се прошири и пошироко од храната.
Значи, под претпоставка дека примирјето ќе премине во трајно, ние ќе може да аргументираме дека конфликтот завршил релативно брзо и дека можеби прелевањето коешто евентуално ќе го гледаме во априлските, во мајските, во јунските податоци, после тоа ќе се смири. И ќе имаме шанса до крајот на годината веќе да аргументираме дека шокот поминал и бил релативно мал во поглед на својата големина.
Но, ако примирјето се заврши на начин што конфликтот ќе продолжи, сигурно дека прелевањето ќе биде поинтензивно и ќе трае подолго. И е многу тешко да се каже во кој обем би било тоа прелевање, со колкав интензитет, кога би бил достигнат пикот. Значи, ако зборуваме за конфликт којшто продолжува и којшто трае, се разбира дека ефектите ќе се протегаат и понатаму од оваа 2026 година.

360°: Иако сте претпазливи во прогнозите, во анализата на Finance Think сепак ги повикувате властите да размислат за воведување на одредени мерки за да се спречи зголемување на инфлацијата. На какви мерки мислите точно?
Марјан Петрески: Во моментот, ние немаме како држава капацитет и понатаму да поддржуваме или да ги помагаме засегнатите страни — фирмите и граѓаните — со линеарни мерки. Мора да се сфати дека оваа криза — сега повторно со онаа претпоставка зависно колку ќе трае и колкав ќе биде интензитетот — дека ќе нè засегне сите. И дека сите ќе мора да понесеме одреден дел од тој товар и не може сите да повикуваат дека Владата мора да нè спасува.
Затоа, во втората анализа рековме дека да, паничниот ефект можеби сега малку е смирен со интервенцијата во ДДВ и во акцизата. И сега од овој момент натаму, веќе фокусот на мерките треба да биде исклучиво на таргетирани мерки, односно мерки коишто ќе бидат насочени кон одредени сегменти од популацијата, од граѓаните и од фирмите коишто евентуално се најпогодени. Односно, поради својата социо-економска ситуација, тие не можат да го издржат товарот на кризата.
И сега тука една илустрација, еден пример: да се поделат ваучери со коишто ќе може да се набават основни производи на храна, ќе може да се плати електрична енергија или ќе може да се набават нафтени деривати. И сега неодамнешен пример е вчера, на пример Грција веќе објави такви ваучери за ниско и среднодоходовни домаќинства коишто, нели, не можат лесно да го поднесат товарот на кризата и тоа го прават со владина помош. Но сите останати домаќинства, коишто поради својата доходовна позиција можат да го поднесат товарот, тоа треба да го направат и не треба тоа да го бараат од Владата. Тоа е пример на таргетирана мерка.

360°: На раб сме на трета економска криза предизвикана од енергенси за релативно краток период, пет-шест години. Дали и нашиот систем е поотпорен можеби, или поподготвен да се справи со таков предизвик доколку повторно ни се случи, имајќи ги предвид повторно ќе кажам неодамнешните искуства?
Марјан Петрески: Па добро, да го гледаме прашањето во два аспекти. Прво, од фискален аспект, фискалниот простор е значајно истрошен. Би кажал дека фискалната позиција на земјата во моментот на фискален бафер, фискален браник, се разбира не е иста како таа во, да кажеме, пред пандемијата. Тогаш и јавниот долг беше, да кажеме, значајно помал. Сега тој е блиску до таа психолошка граница од 60% од Бруто домашниот производ.
360°: Имаме помалку пари, сакате да кажете?
Марјан Петрески: Имаме помалку простор ние да реагираме на некој премногу великодушен начин како држава на оваа и на секоја идна криза. Односно, се разбира треба да размислуваме на начин што кога сме во релативно добри економски периоди, ние да го генерираме тој бафер. Сега во претходната година-две имаше навистина еден процес на релативна или лимитирана фискална консолидација. Но, прво таа беше лимитирана, а второ, можеби и периодот помеѓу кризите не беше доволно долг за да може да се создаде некој особено голем бафер за да пресретне една ваква нова криза.
Но, во останатите сегменти од финансискиот систем имаме релативно добри бафери. На пример, девизните резерви, тие се 70% повисоки од нивото пред пандемијата. Значи тие добро ја покриваат, да кажеме, ранливоста на економијата. Банкарскиот систем во приватниот дел финансиите е високо капитализиран, високо ликвиден, така што тие се едни сегменти што од страната на финансиските политики создаваат една релативна отпорност на економијата или способност таа да се справи со одреден интензитет на криза.
А во делот на производството на храна, мислам дека тука ја имаме најранливата точка. Затоа што секогаш аргументираме дека ние сме зависни од увоз на храна и тоа мора да го промениме на начин што ќе може да имаме домашно производство на храна коешто ќе нè штити од пикови во делот на цените на храната. Меѓутоа, мислам дека таму не само што нема одреден помак, туку и некако не успеавме да направиме некоја особено робусна стратегија за да може да имаме придвижување во насока во којашто она што дома го произведуваме, на релативно подобар начин денес него вчера ќе нè заштитува од идни порасти на цените на храната.
