Од „Бауер БГ“ тврдат дека „ИНТ Глобал инженеринг“ направиле проект без да извршат увид во дел од објектот кој требало да се реконструира и дека токму поради тоа се пробиени роковите за изградба, има големи вишоци и кусоци, а сето тоа создава и големи логистички потешкотии на терен
Проекантот, пак, тврди дека работел по сите стандарди и дека на сите барања за измени во проектот реагирале благовремено. На изведувачот е, велат, да ја диктира динимиката на работа на терен
Неодамна објавивме дека не само што доцни, туку и дека поскапе за 2,1 милион евра реконструкцијата на објектот на поранешна Комерцијална банка, кој е во државна сопственост.
Според истражувањето на невладината организација Центар за граѓански комуникации, поскапувањата и одложувањата се направени преку 51 анекси на основиот договор меѓу СОЗР и изведувачот „Бауер БГ“.
„Ако се пресметаат вишоците, непредвидените работи и кусоците, тоа го менува за 49% основниот договор, што можеби и најстрашното во овој тендер“,
порача Филков.
Од владината СОЗР тогаш ни одговорија дека не гледаат одговорност кај фирмата изведувач на реконструкцијата, туку:
„Неизвршувањето на договорните обврски од страна на Изведувачот е последица на исчекувањето на изработката на новите технички решенија“,
изјавија од СОЗР.
Па ако се познати главните причини за застојот на објектот, што на крај го плаќаат граѓаните, ќе се бара ли одговорност од некого?

Неколку дена по објавувањето на сторијата за проблемите со реконструкцијата на стара Комерцијална, до редакцијата на „360 степени“ стигна допис насловен како Известување. Испраќач, според добиената е-пошта, е фирмата „Бауер БГ“.
Во документот, од компанијата не забележуваат на фактите во врска со реализацијата на јавната набавка за реконструкцијата на државниот објект. Но, на мошне јасен начин посочуваат – зошто сметаат дека доцнењето не е по нивна вина.
„Како најзначајна причина за пролонгираниот рок е доцнењето со изработка на новите ревидирани технички решенија, за што постои обемна документација, а истите беа изработувани поради потполна неможност за изведба на голем број позиции согласно Основниот ревидиран проект“,
велат од „Бауер БГ“.
За да нема сомнежи дека изведувачот на проектот го вперува прстот кон проектантот, понатаму во дописот од „Бауер БГ“ изнесуваат, во најмала рака, вчудовидувачко тврдење – дека проектот е направен, а потоа и одобрен без целосно да се посети објектот што треба да се реновира.
„Причината за ваквата состојба е заснована на тоа дека во фазата на проектирање и ревидирање, од страна на Проектантите не е извршен увид во целиот објект, а грешките во истиот не се коригирани ниту од страна на Ревидентот, што доведува до големи застои во изведбата, неможност за континуиран процес во изведбата, финансиски импликации, односно појава на вишоци и кусоци, како и непредвидени работи. Од страна на Инвеститорот-СОЗР, Надзорот, како и од страна на нас како Изведувач, од самиот почеток со изведбата преземени се сите неопходни мерки за изработка и доставување на ревидирани технички решенија“,
додаваат од „Бауер БГ“.
Поради проблемите произлезени од проектот, заклучуваат од „Бауер БГ“, се пробивале рокови, се зголемиле трошоците, а се појавиле и проблеми со кадар, навремена набавка на материјали, механизацијa и исполнување на договорните обврски со добавувачите за сите фази од изведбата.
Експлицитноста на ставот на „Бауер БГ“, дека проектот е направен без да се види цел објект, беше причина да побараме став на повеќе адреси.
На прашањето за директното обвинување, од проектантот „ИНТ Глобал Инженеринг“ одговорија:
„Проектната документација за реконструкција на објектот “Стара Комерцијална банка” е изработена во согласност со проектната задача, потребите, насоките и барањата на инвеститорот. Истата е ревидирана од независна ревидентска компанија и како таква е прифатена од инвеститорот за натамошна реализација“,
велат од „ИНТ Глобал Инженеринг“.
Во однос на динамиката на работите на терен, проектантот тврди дека тоа го диктира изведувачот. За кусоците и вишоците – дека се евидентираат во градежна книга која ја потврдува надзорот.
За обвинувањето дека тие проблеми и пробивањето рокови се должат на времето потребно за изработка на нови технички решенија, проектантот тврди:
„Ние како проектанти благовремено одговоривме на сите барања за измени кои се доставени до нас од страна на инвеститорот“,
додаваат од „ИНТ Глобал Инженеринг“.

Истите прашања кои ги упативме до Проектантот, ги упативме и до Ревидентот – фирмата „Градежен институт Македонија“. Ова е интегралниот одговор што го добивме, за сите прашања заедно:
„Градежен институт Македонија е градежна компанија која повеќе од 50 години успешно опстојува на домашниот пазар и во регионот, работејќи строго професионално и во целосна согласност со сите важечки законски прописи, стандарди и правила. Сите активности ги реализираме одговорно, согласно зададените обврски и со висок степен на стручност и интегритет“,
одговорија од „Градежен институт Македонија“.
Објектот на стара Комерцјална изгоре во 2020 година, а тендерите за проектирање, ревизија на проектот и реконструкција беа направени во време на претходната влада, а со тоа и раководство на СОЗР.
Сепак, бидејќи договорите се уште се активни, а работите на терен неспорно доцнат и се соочуваат со големи проблеми, повторно побаравме став од надлежната – владината Служба за општи и заеднички работи. Прашавме, дали ќе бараат одговорност од проектантите или ревидентите, кога веќе и СОЗР претходно и изведувачот сега, го посочуваат проектот како извор на пробиените рокови.

Ни објаснија дека нема основа да се активира банкарска гаранција или друг сличен законски механизам. Единствениот начин за „заштита“ е тоа што трошоците за дополнително проектирање поради пропустите паѓаат на товар на избраните фирми.
„Согласно членот од Договорите за изработка на основен проект и за ревизија на основен проект… давателите на услуги одговараат за недостатоците… и истите доколку постојат, потребно е да ги отстрани, односно преработи и усогласи… без дополнителен надомест. Давателот на услугите одговара за недостатоците во количините и позициите од предмерот, утврдени согласно Проектот“,
посочуваат од СОЗР.
Од институцијата со која втора година раководи Ивица Томовски посочуваат дека и самите биле на крстопат – дали да ја продолжуват реконструкцијата или да го раскинат договорот. Но имајќи го предвид веќе изграденото, како и потрошените пари, процениле дека таквиот чекор би довел до пропаѓање на вградените материјали и градежните активности.
„Дополнително, имајќи предвид дека објектот е наменет за сместување на повеќе институции, постои зголемена одговорност за реализација, проследена со оправдани очекувања и оперативни притисоци од засегнатите страни во однос на динамиката на изведбата“,
објаснуваат од СОЗР.
Кога Центарот за граѓански комуникации го објави своето истражување на тендерот, кое вклучуваше и извештаи на надзорот, од организацијата повикаа на јакнење на фазата на планирање на јавните набавки, но и поголема одговорност за вклучените фирми.
„Ако имало толку проблеми во проектот, треба проектантот да се земе на некаква одговорност зошто се настанати тие проблеми. Исто така, поревносна контрола во спроведување на договорите од страна на самиот договорен орган, односно на тој што ја прави набавката. Имаме надзор, да, меѓутоа и тие извештаи на надзорот… ние често ги гледаме извештаите на надзорот, констатираат работи коишто навреме е лоциран проблемот. Значи можело навреме да се делува за да не понатаму тој проблем се продлабочува, односно да се најдат начини за негово решавање“,
вели Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.
Некои од тие слабости кои ги нотирал надзорот, мора да се спомене, немаат никаква врска со проектирањето.

На пример, на 2 април 2025 година, во извештајот од надзорот се вели:
„На Изведувачот му се дава инструкција за зголемување на бројот на работници (на сите позиции кои не зависат од доставувањето на новите технички решенија од страна на Проектантот и ревдиентот). Забележано е отсуство на работници и намален интензитете на изведба на позицииите за фазата електрични инсталации. Исто така, фасадата на објектот, којашто како што и претходно е наведено во повеќе дописи доставени од страна на Надзорот, се уште е со енормно големо задоцнување“,
пишува во извештајот од спроведениот надзор за декември 2025 година.
Во однос на овие забелешки, доставивме дополнителни прашања до „Бауер БГ“, но не добивме одговор.
Каков ќе излезе конечниот есап за реконструкцијата на стара Комерцијална банка е тешко да се предвиди. Како што нотираа од Центарот за граѓански комуникации, досега потпишаните анекси ја зголемиле вредноста на основниот договор за 32%.
Но, се уште не се потпишани анекси за т.н. „кусоци“, односно позиции за кои во оригиналниот проект биле предвидени многу повеќе зафати и материјал, а кои нема потреба да се изведат. Од СОЗР велат – тоа ќе се направи на крај.
„Со изготвување на пресек на состобата (рекапитулациија на вишоци и кусоци), јасно се утврдува дека реалното зголемување на договорната вредност е во рамки дозволени со закон, односно не го надминува лимитот. Во консултација со меродавни институции, Службата доби насока дека конечниот финансиски ефект од реализираните количини ќе се утврди со Завршната ситуација и пресметката на договорот“,
велат од СОЗР.
Како и при многу други градежни зафати спроведени преку јавни набавки, работата еден ден ќе се заврши. Нема да биде ниту во рок, ниту според првично предвидениот буџет. Но, како и при многу други градежни зафати ќе остане прашањето – може ли да има подобар механизам за да се заштитат јавните средства?
