Коментирајќи ги ефектите од денешниот Стратешки дијалог, премиерот рече дека очекува таму да биде промовирана инвестицијата за реткиот минерал антимон од кривопаланечкото село Луке, кој ќе се извезува во САД. Топилницата за негова преработка, како што најави, би се градела во Оклахома
Пред потенцијални американски инвеститори ќе се презентира и ќе биде понуден и проектот за „Чебрен“ и „Галиште“, нешто што била негова лична заложба
Македонија е првата земја од Европа што одржува Стратешки дијалог на вакво ниво со актуелната администрација на Соединетите Американски Држави (САД), рече денеска премиерот Христијан Мицкоски зборувајќи за очекувањата од денешната посета на македонската делегација во Вашингтон, која ќе учествува на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу С Македонија и САД.

Нашата делегација, како што рече премиерот, е предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а од страна на САД, предводник е заменик-државниот секретар Кристофер Ландау, кој е втор човек на американскиот Стејт департмент.
Според Мицкоски, се очекува таму да се претстават исклучително важни теми за иднината на нашата држава.
„Темите што ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, билатералната соработка, енергетиката, како и инфраструктурата која ја градиме и во која силно инвестираме. Посебен фокус е ставен и на соработката во одбранбената индустрија. Тоа се неколку области во кои очекуваме да се постигне голем напредок“,
рече тој.
Една од најзначајните вести од овој дијалог, како што вели Мицкоски, е промоцијата на големата инвестиција во рударскиот сектор во Македонија. Станува збор за експлоатација на реткиот минерал антимон во кривопаланечкото село Луке.
„Истовремено ќе се промовира и една инвестиција во знаечаен производен објект, а тоа е рудата антимон, која ќе се експлоатира во близина на кривопаланечкото село Луке. Редок минерал, кој за нашата економија може да значи многу“,
вели Мицкоски.
Истражувањата на терен, како што рече, се при крај и наскоро очекува да почнат ископувањата на рудата.
„Ќе се извезува во САД. Од инвеститорите ја добив информацијата дека топилницата би се градела во Оклахома. Со тоа се добива еден заокружен циклус. Ова е нешто што е многу важно за македонската економија и за нас како граѓани“,
кажа премиерот.
Според него, економската придобивка од оваа инвестиција ќе биде огромна бидејќи целото производство ќе биде наменето за американскиот пазар.
Очекува, како што вели, плоден ден и заедничка изјава по одржувањето на Стратешкиот дијалог, која ќе опфати сѐ што кажал досега.
Одговарајќи на новинарско прашање да даде повеќе детали за најавите за инвестирање во дата центри, рече дека имал средби со четири компании што имаат искуство во оваа област и што се заинтересирани да инвестираат кај нас. На дел од тие инвестиции, како што додаде, веќе се работи.
„Станува збор за сериозни инвеститори и инвестиции. Кога ќе можам да повеќе да зборувам, ќе споделам, затоа што не би сакал да кажувам нешто додека не бидам сто проценти сигурен дека тоа ќе се случи. Но, доколку се случи, еве да претпоставиме дека тоа ќе биде така, ќе имаме огромна додадена вредност во македонската економија“,
рече тој.
Проектот за „Чебрен“ и Галиште“, како што рече, ќе биде понуден на потенцијални американски инвеститори.
„Тоа претставува моја лична цел и желба. Министерката за енергетика е присутна таму со сите информации поврзани за тој проект и истиот ќе биде претставен“,
кажа Мицкоски.
Инаку, одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог се случува по пауза од четири години, а на неа ќе присуствува висока владина делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Заедно со него, на настанот ќе учествуваат и министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Минералот антимон е ретка суровина која најчесто се применува во индустријата и технологијата, особено во производство на батерии, огноотпорни материјали и легури. Неговата побарувачка во последните години е во пораст, во главно поради неговата примена во енергетиката и електрониката.
Кина е најголемиот светски производител на антимон.
