Со ова, како што соопштија од ресорното Министерство, се потврдува континуитетот на сојзништвото меѓу двете земји и заедничката посветеност кон унапредувањето на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот
Втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави (САД) ќе се одржи денеска во Вашингтон, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Одржувањето на втората сесија од Стратешкиот дијалог се случува по пауза од четири години, а на неа ќе присуствува висока владина делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Заедно со него, на настанот ќе учествуваат и министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Со ова, како што соопштија од ресорното Министерство, се потврдува континуитетот на сојзништвото меѓу двете земји и заедничката посветеност кон унапредувањето на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.
„Стратешкиот дијалог претставува значајна платформа за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството со САД, со фокус на клучни области од заемен интерес, вклучително одбраната и безбендоста, кибербезбедноста и технолошката соработка, економијата, трговијата и енергетиката, како и заедничката борба против транснационалните закани на граничната безбедност“,
се вели во соопштението на МНР.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во неодамнешно телевизиско гостување најави дека Македонија и САД на 7 април во Вашингтон ќе одржат сесија од Стратешкиот дијалог меѓу двете држави.
Со тоа, како што рече, ќе бидеме првата земја од Европа што во мандатот на актуелната администрација на САД ќе има стратешки дијалог во Вашингтон со американскиот Стејт департмент.
„Од страна на Соединетите Американски Држави наш домаќин ќе биде заменик-државниот секретар на САД,,г. (Кристофер) Лендау. Исто така значајно е да се укаже дека јас како министер за надворешни работи сум меѓу ретките кој во помалку од една година ќе има три билатерални средби, покрај многуте, со најтесното раководство на американскиот Стејт департмент – претходниот мај со г. (Марко) Рубио, оваа есен, во рамките на министерскиот состанок со г. Лендау и сега повторно со г. Лендау“,
рече Муцунски.
Според него, од овој стратешки дијалог македонските граѓани ќе видат многу големи ефекти, како во делот на политичката и безбедносна соработка, но и во однос на многу други прашања кои ќе бидат објавени по завршувањето на средбата.
На прашањето дали очекува со стратешкиот дијалог да дојде до повлекување на визите за македонските граѓани за САД или барем враќање на иселеничките визи, чие издавање САД го запреа во јануари за земјава, Муцунски рече дека се очекува да има дискусија за прашањата поврзани со визната политика кои се наш приоритет.
