Според вицепремиерот, првичниот план за „Градски воз“ бил проектот да оди во три фази, но, поради забрзаното темпо на работа, оваа година ќе се распише тендер за две делници заедно, со што ќе се скрати рокот за комплетно завршување на проектот
До јуни првата линија од проектот “Градски воз“ од Зелениково преку Драчево, Кисела Вода, Аеродром до железичка станица Скопје ќе биде завршена, а со почетокот на школската година во септември ќе ја пуштиме во сообраќај, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Вицепремиерот, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и директорите на двете железнички претпријатија денеска извршија увид во рехабилитацијата и реконструкцијата на првата линија од проектот.
Николоски во изјава за медиумите кажа дека со набавката на новите автобуси, идејата е да се комбинира транспортот, така што фрекфренцијата на „Градски воз“ да биде на еден час
„Задоволство е да се види дека проектот добро напредува. Динамиката е добра. Ние минатата година кога го започнавме овој проект ветивме дека првата линија ќе биде завршена до јуни и тоа ќе биде остварено. Сакам да почнеме да ја навикнуваме јавноста да се завршуваат проектите во предвиден рок и како што гледате, проектите кои што оваа Влада ги почнува завршуваат во предвидениот рок и се движат со добра динамика, затоа што пред да ги започнеме проектите имаме еден многу сериозен процес на планирање за кога ќе се излезе на терен и ќе почне да се работи навистина да се испорача она што се ветува“, рече вицепремиерот и министер за транспрот.
До денес, додаде тој, прогресот на првата линија која што оди од Зелениково, преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и Нова железничка станица е 65 проценти, што е согласно планот.
„Очекуваме до јуни таа да биде завршена. Потоа следува еден период на тестирање и нашата цел е, а таа цел ќе ја постигнеме, на 1 септември, со почетокот на школската година да почне да функционира ‘Градскиот воз’ на линија Зелениково, Драчево, Ново Лисиче, Аеродром, Нова железничка станица. Убеден сум дека ова многу ќе помогне во растоварување на сообраќајот, а исто така и во очекување на зимата и во намалување на загадувањето“,
рече Николоски.
Според вицепремиерот, првичниот план за „Градски воз“ бил проектот да оди во три фази, односно по завршувањето на оваа фаза да оди онаа која што ќе годи од Железничката станица, преку Маџари до Илинден, а потоа третата фаза – од Железнилката станица преку Бутел, Скопје Север, Волково, Ѓорче Петров и завршува во Сарај. Но, поради забрзаното темпо на работа, оваа година ќе се распише тендер за две делници заедно, со што ќе се скрати рокот за комплетно завршување на проектот.
„Имајќи предвид дека ЈП ‘Железници инфраструктура’ доста напредува со проектирањето и работат побрзо од што беше планирано и очекувано, очекуваме во текот на оваа година да се распише јавен повик, односно тендер за двете делници заедно, што значи дека ќе го скратиме рокот на комплетно завршување на проектот за „Градски воз“ за најмалку една година, односно на крајот на 2027 веќе ќе ги имаме трите линии функционални, што во добра соработка со јавното сообраќајно претпријатие ќе значи едно целосно растоварување на сообраќајот во градот“,
наведе Николоски.
Ако кон тоа ќе се надополни и проектот БРТ, смета министерот Николоски, надежите се дека во 2029 година ќе имаме целосно нова состојба со градскиот превоз во главниот град.
Идејата е „Градскиот воз“ да сообраќа на еден час со исклучок на доцните вечерни часови.

„Возниот ред ќе го усогласиме заедно со ЈСП, со цел да можат автобусите на ЈСП да ги преземаат патниците од станиците, но идејата е на секој час да има линија на градскиот воз, што е најчесто стандард во најголемите европски градови. За цена за билет ќе разговараме, но моја цел е ова е, еве се оградувам, моја цел е да не биде повисока од цената која што сега ја има ЈСП Скопје за најодалечените дестинации. Но, уште ќе разговараме и ќе излеземе со финална цена, но секако ќе е доста, доста прилагодена на животниот стандард на граѓаните“,
кажа Николоски.
Директорот на ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, вели дека работите на првата делница во должина од 25 километри се одвиваат согласно предвидените рокови и затоа, верува, оти таа ќе биде завршена навреме како што е планирано, во јуни.
„Очекуваме до крајот на мај, некаде во јуни сите градежни работи поврзани со оваа делница да бидат завршени. Се работи на замена на дотраени дрвени прагови коишто некаде датираат од 1959 година, некаде од 1965 или 1969 година и беа во незавидна состојба. Во овој момент тие се заменуваат со бетонски прагови коишто беа залихи од претпријатието од пред една или две декади. Притоа, со нивното искористување на оваа делница ќе постигнеме возење до проектирана брзина некаде и до 80-90 километри на час, за разлика од сега кога се вози со 20 до 30 километри на час“,
рече Ивановски.

Тој додаде дека се работи и на модернизација на патните премини, особено Драчево каде има три патни премини кои постојано се проблем. Тие некаде до летото треба да бидат целосно заменети со нови и со тоа безбедноста но и ефикансоста на оваа делница на „Градскиот воз“ да биде подобрени.
Градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски истакна оти ова било ветување дадено пред локалните избори и е задоволен од брзата динамика на неговата реализација.
„Ова што што ќе значи нова алтернатива за градот Скопје и алтернативен начин за граѓаните од овој дел на Скопје побрзо да стасуваат до Транспортниот центар. Јас искрено на почетокот сметав дека проектот е можеби преамбициозен, но по тоа како се одвиваат настаните на терен, а јас внимателно ја следам оваа динамика, можам да кажам дека таа е импресивна, исто како и пристапот со кој што се работи цел овој процес. Многу ми е драго што на почетокот на септември ќе биде обезбедена и ставена во функција линијата Зелениково – Транспортен центар Скопје“,
рече Ѓорѓиевски.
Се надева дека со иста таква динамика ќе се реализираат и останатите две фали две фази, што, како што рече, значително ќе го олесни јавниот превоз во Градот.
Ѓорѓиевски додаде дека паралелно на цел овој процес во тек е набавка за нови автобуси, и оти наместо 80 за градот Скопје ќе бидат набавени нови 100 автобуси. Како дополнително и значително унапредување, според него, е и најавената реализација на БРТ транспортот, за кој, како што рече, наскоро ќе бидат објавени целосни и прецизни детали.
