На прес-конференцијата пред Обвинителството, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, го обвини Славески дека со своето постапување грубо ги прекршил законските обврски и ја довел во прашање законитоста на работењето на Народната банка, предизвикувајќи штета врз институцијата и правниот поредок
Опозицискиот СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради сомнение за несовесно работење во службата со кое предизвикал штета врз Буџетот и правниот поредок.

На прес-конференцијата пред Обвинителството, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, го обвини Славески дека со своето постапување грубо ги прекршил законските обврски и ја довел во прашање законитоста на работењето на Народната банка, предизвикувајќи штета врз институцијата и правниот поредок.
„Прво, пробиен е законскиот рок за предлог на вицегувернери, со што е директно загрозено легалното функционирање на Народната банка. Второ, постојат сериозни индиции дека по истекот на мандатите, на лицата им се исплаќале плати за функции кои веќе не смееле да ги вршат. Трето, овие лица продолжиле да носат одлуки во Советот на Народната банка и по истекот на роковите, што ги прави тие одлуки правно спорни и ништовни“,
рече Димитријевиќ на денешната прес-конференција пред Обвинителството.
Тој го повика Обвинителството да ги испита сите наводи и да покрене постапка.
„Ајде да видиме дали обвинителството ќе постапува по закон или по налог на Мицкоски? СДСМ нема да молчи. Сите што се огрешиле пред законот ќе одговараат, ако не денес, тогаш кога правосудството ќе биде слободно“,
рече генсекот на СДСМ.
