Иако демократите изразија загриженост дека семејството Трамп би можело да профитира од промената на името, сепак, портпаролот на Организацијата „Трамп“ нагласи дека претседателот и неговото семејство нема да добиваат авторски права, лиценцирани такси или каква било финансиска компензација
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, потпиша закон со кој Меѓународниот аеродром „Палм Бич“ ќе се преименува во „Меѓународен аеродром претседател Доналд Џ. Трамп“ откако минатиот месец овој предлог е усвоен од страна на Претставничкиот дом и Сенатот.
Како што пишува Си-ен-ен, законот ќе стапи во сила на 1 јули, по одобрувањето од Федералната администрација за воздухопловство, а официјалните владини записи и мапи ќе бидат ажурирани со новото име.

Аеродромот ќе добие и нов код – „ДЏТ“ (DJT).
Законот го иницира пратеничката Мег Вајнбергер, која годинава учествуваше и во откривањето на булеварот „Претседател Доналд Џ. Трамп“, делница што ги поврзува аеродромот и приватното одморалиште на Трамп, „Мар-а-Лаго“.
Трамп, како роден њујорчанец, се пресели во Флорида во 2019 година.
Пред преселбата, тој живееше во пентхаус во „Трамп тауер“, но потоа одморалиштето „Мар-а-Лаго“ во Вест Палм Бич стана негова примарна резиденција.
Иако демократите изразија загриженост дека семејството Трамп би можело да профитира од промената на името, сепак, портпаролот на Организацијата „Трамп“ нагласи дека претседателот и неговото семејство нема да добиваат авторски права, лиценцирани такси или каква било финансиска компензација.
Организацијата е подготвена да го обезбеди правото на користење на името бесплатно.
„Да биде јасно, претседателот и неговото семејство нема да добиваат никакви авторски права, такси за лиценцирање или каква било финансиска компензација од предложеното преименување на аеродромот“,
изјави Кимберли Бенза, директорка за извршни операции во Организацијата ‘Трамп‘.
Името на Трамп е дадено и на планирана класа воени бродови на морнарицата, програма за визи за богати странци, владина веб-страница за лекови на рецепти и федерални штедни сметки за деца.
Во декември минатата година името на Трамп беше додадено и на зградата на Американскиот институт за мир во Вашингтон.
Од следното лето потписот на претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе стои и на американскиот долар.
Федералната уметничка комисија, составена од членови назначени од Трамп, одобри и комеморативна златна монета со неговиот лик како дел од серијата монети што се планира да биде издадена по повод одбележувањето на 250-годишнината од американската независност.
