Тој ги охрабрил унгарските компании да ги разгледаат можностите за инвестирање во земјата, но истовремено потенцирал дека македонските компании се подготвени да ги прошират своите активности и на унгарскиот пазар

Директната комуникација меѓу компаниите е клучна за создавање нови деловни модели, за отворање пазари и за генерирање одржлив економски раст, рекол премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на бизнис-форумот на тема „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Македонија“ кој се одржува во Будимпешта.
Според Мицкоски, ваквите форуми не се само платформа за размена на идеи, туку конкретен механизам за воспоставување нови партнерства и зајакнување на економската соработка меѓу двете пријателски земји.
Премиерот, како што информираат од Владата, посочил дека нововоспоставената авиолинија меѓу Скопје и Будимпешта претставува значаен чекор напред во поврзувањето на двете држави, не само од аспект на мобилноста, туку и како силен поттик за развој на бизнис-соработката, инвестициите и туризмот.
Во делот посветен на економските перформанси, Мицкоски истакнал дека Владата спроведува политики насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина.
„Како резултат на тоа, во 2024 година државата достигна историски највисоко ниво на странски директни инвестиции, во износ од околу 1,25 милијарди долари, што ја позиционира меѓу водечките дестинации во Европа според инвестиции по глава на жител“,
рекол Мицкоски.
Тој се осврнал и на политичката стабилност и институционалниот капацитет на Владата, потенцирајќи дека стабилното парламентарно мнозинство и континуитетот на изборните победи создаваат сигурна основа за спроведување на реформите и за долгорочен економски развој. Според него, Владата останува целосно посветена на реформската агенда, унапредување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и дигиталната трансформација, како предуслови за привлекување нови инвестиции.
Во своето излагање, премиерот се осврнал и на европската перспектива на државата, нагласувајќи дека и покрај предизвиците и долгогодишниот процес, земјата останува фокусирана на реформите и исполнување на критериумите врз основа на заслуги. Тој рекол дека напредокот треба да се вреднува објективно и во согласност со европските стандарди, со јасна цел – подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Мицкоски упатил и порака до деловната заедница дека Македонија е отворена за инвестиции и партнерства нудејќи поволни услови, стратегиска географска позиција и квалификувана работна сила. Тој ги охрабрил унгарските компании да ги разгледаат можностите за инвестирање во земјата, но истовремено потенцира дека македонските компании се подготвени да ги прошират своите активности и на унгарскиот пазар.
На овој бизнис-форум, како што велат од Владата, се претставени неколку десетици македонски компании и тие директно се вмрежуваат со унгарската бизнис-заедница, што претставува огромна можност за искористување на постојните потенцијали.
