Членката на Советот на јавни обвинители, Маријана Илиевска, образложи дека е утврдено оти јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, во кои тој ја ословува со ‘медиокритет со политичка матрица’, не биле директно поврзани со конкретни дејствија кои би ја довеле во прашање самостојноста на обвинителката Ристоска
Советот на јавни обвинители едногласно ја одби иницијативата на јавната обвинителка Ленче Ристоска во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кои таа ги оцени за притисоци со кои се нарушува нејзината самостојност во јавнообвинителската работа. Во иницијативата, Ристоска навела дека нападите кон неа се од структури на ВМРО-ДПМНЕ, а како пример навела изјави на премиерот и објави на веб-страницата на партијата.

Постапувајќи по известувањето што Ристоска го достави до Советот на јавни обвинители во јануари годинава, обвинителскиот совет на денешната седница едногласно заклучи дека немало надворешно влијание врз работата на обвинителката, ниту, пак, дека е загрозен нејзиниот професионален интегритет.
Членката на Советот, Маријана Илиевска, образложи дека е утврдено оти јавните изјави на премиерот не биле директно поврзани со конкретни дејствија кои би ја довеле во прашање самостојноста на обвинителката Ристоска.
„Отсуство на индивидуализација ја исклучува можноста да се утврди реално и конкретно влијание. Иако овие изјави на премиерот, каде што истиот ја нарекува со термините медиокритет со политичка матрица, сметаме дека не претставуваат повреда на интегритетот на јавната обвинителка бидејќи не се поврзани со дејствија кои би ја довеле во прашање самостојноста на нејзиното одлучување“,
рече Илиевска.
Скопската јавна обвинителка и поранешна обвинителка во СЈО, Ленче Ристоска, во јануари годинава поднесе известување до Советот на јавни обвинители во кое укажа на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Ристоска реагира дека со ваквите изјави се врши притисок и се нарушува нејзината самостојност во јавнообивинителската работа. Наводите на премиерот таа ги оцени како навреди и неосновани професионални дисквалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
