Реакцијата на Јавното обвинителство доаѓа откако родителите на жртвите од „Пулс“ побараа враќање на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева на случаите поврзани со трагедијата во Кочани откако не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Јавното обвинителство веќе ги презеде сите чекори за да се овозможи ефикасно и непречено водење на сите тековни постапки, а ниту еден процес што е веќе започнат нема да претрпи неоправдано одолговлекување или, пак, усложнување, додека пак во судница ќе има јавен обвинител што ќе е подготвен да го застапува обвинението – се наведува во денешната реакција на Основното јавно обвинителство по бурната реакција на родителите на жртвите од „Пулс“ кои на вчерашниот марш во Кочани побараа враќање на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева на случаите поврзани со трагедијата во Кочани откако не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Оттаму велат и дека евентуална промена на јавен обвинител во текот на водењето на предметите, што може да се случи од најразлични причини, не се одразува врз динамиката и начинот на водење на постапките, додека пак промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките.
„Затоа Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност“,
се вели во реакцијата на Јавното обвинителство.
Дополнително, упатија повик до Здружението на новинари, но и до другите организации да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за исвестување при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата на најпогодените од трагичниот настан.
„Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во ‘Пулс’. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка“,
велат оттаму.
Инаку, вчера, по паузата поради одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, родителите на починатите повторно излегоа на улиците во Кочани, каде што на триесет и деветтиот по ред протестен марш уште еднаш побараа правда за своите деца, изразувајќи сериозен револт од последните случувања во истражните и судските институции.
Главната загриженост на семејствата претставува одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева, во чија надлежност беа предметите против обвинетите полицајци за кочанската трагедија. Според родителите, преминувањето на предметот кај нов обвинител кој ќе мора од почеток да се запознава со случајот и со обемните докази носи огромен ризик од дополнителни одложувања и нарушување на континуитетот на постапката.
Инаку, трите предмети кои се однесуваат на полициските службеници, поврзани со трагедијата во Кочани, нема да стагнираат, туку итно ќе му бидат доделени на друг обвинител кој треба да ја продолжи работата на обвинителката Ивана Алексова-Трајчева откако на седница на Советот на јавни обивнители на Трајчева не ѝ беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Алексова Трајчева не сакаше да ја коментира одлуката на Советот.
