Во 2012 година тетовскиот Основен суд постапувал по обвинение против него и за кривичното дело оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста. Во решението од тетовскиот суд наведено е дека обвинетиот Грозданоски на тужителот треба да му исплати износ од 23 000 денари на име штета и трошоци во постапката

За лидерот на организацијата „Христијанско братство“, Жарко Грозданоски, кој вчера беше уапсен како осомничен за убиство на 76-годишен охриѓанец, има обвинение и за друго дело, дознава „360 степени“.
За Грозданоски полицијата веќе информираше дека се гони за загрозување на сигурноста преку компјутерски систем, поради закани кон поранешниот премиер Зоран Заев.
Но, во 2012 година тетовскиот Основен суд постапувал по обвинение против него и за кривичното дело оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста.
Во решението од тетовскиот суд наведено е дека обвинетиот Грозданоски на тужителот треба да му исплати износ од 23 000 денари на име штета и трошоци во постапката.
„Тужителот преку неговиот полномошник остана при барањето од 27.8.2012 година со тоа што во делот на плаќањето на штета за шофершајбната истиот се согласил да истата биде упола така што заедно со трошоците на постапката побара износ од 23 000 денари и ова го прави во знак на помирување со обвинетиот бидејки се соселани и да во иднина нема вакви недоразбирања со кој предлог се согласи и обвинетиот со тоа што побара од судот да му се даде рок за плаќање на овој износ на трошоци и штета“,
се вели во решението од судот.
Поради тоа, тужителот ја повлекол приватната кривична тужба против обвинетиот и не побарал други трошоци.
Инаку, во врска со вчерашното убиство на 76-годишниот охриѓанец, локалниот медиум „Охридскај“ објави детали за случајот. Се наведува дека убиениот е Климе Митревски, сопственик на угостителскиот објект „Климентов конак”, а причината била имот вреден над еден милион евра во старото охридско градско јадро.
Според медиумот, Грозданоски и Митревски претходно склучиле договор за доживотна издршка, со кој Грозданоски се обврзал да го чува и негува Митревски во замена за наследство.
„Наследството кое Грозданоски сакал да го присвои претставува недвижен имот во старото охридско јадро со проценета вредност од над 1 000 000 евра. Се смета дека обвинетиот свесно го забрзал умирањето на жртвата со цел побрзо да го стекне владеењето врз имотот“,
пишува „Охридскај“.
За Грозданоски, како што е веќе познато, во 2019 година е поднесена кривична пријава за упатување смртни закани кон тогашниот премиер Зоран Заев. Тој во видеообраќањето објавено на социјалните мрежи, освен Заев, и експремиерот Никола Груевски го нарече предавник.
Дел од членовите на организацијата „Христијанско братство“, меѓу кои и Грозданоски, учествуваа и во протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година. „Христијанско братство“ и Грозданоски беа активни и во протестите против уставните измени во 2018 година.
Но, за името на Грозданоски, со пребарување на социјалните мрежи, се добиваат информации и дека тој е автор на книгата „Одмазда“, која е објавена на македонски јазик во 2024 година. Во описот на книгата се вели дека станува збор за трилер за правдата, предавството и темнините на човековото срце.

На фејсбук-профилот Жарко Христијанско братство може да се види дека ова не е негова единствена книга. Пред една година ја промовирал неговата трета книга „Конверзија“, а во јануари лани и второто дело „Крвавиот камен“.
Во февруари 2022 година, пак, има објавено видео како со други членови на организацијата дава заклетва пред владиката Агатангел.
Како што е веќе познато, Грозданоски вчера беше уапсен откако претходно во МВР било пријавено дека на улицата „Нада Филева“ во Охрид, во неговиот дом, без знаци на живот е пронајден К.М. (76).
Уапсениот е вработен како анестезиолошки техничар од универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, во одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
