Седумдесет и шестгодишниот охриѓанец бил пронајден мртов денеска наутро во неговиот дом во градот, а попладнево екипа на СВР Тетово интервенирајќи по централна потерница распишана од нивните колеги од Охрид, во Брвеница го лишиле од слобода осомничениот Ж.Г. (53)
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово попладнево уапсиле жител на селото Брвеница кој се сомничи за убиство на 76-годишен охриѓанец, чие безживотно тело денеска наутро било пронајдено во неговиот дом во Охрид, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Педесет и тригодишниот Ж.Г. бил лишен од слобода во 17: 20 часот, по претходно распишана централна потерница од Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид.
Имено, според деталите од МВР, денеска во 8:24 часот во охридската полиција било пријавено дека во неговиот дом на улицата „Нада Филева“ во градот без знаци на живот е пронајден К.М. (76).
„На местото на настанот извршен е увид од надлежен јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатира смрт, по што, по наредба на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека по целосното расчистување на случајот против жителот на тетовска Брвеница, кој се сомничи за убиството, ќе биде поднесена соодветна пријава.
