Според него, разговорите се во тек и одат многу добро и покрај „погрешните изјави за спротивното од страна на медиумите што шират лажни вести“

Американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи рокот за Иран да го отвори Ормускиот Теснец за 10 дена, до 6 април, откако рече дека разговорите одат многу добро.
Трамп во објава на неговата платформа Трут соушл пишува дека го паузира периодот на уништување на енергетските централи за 10 дена и оти тоа е на барање на иранската влада.
„Според барањето на иранската влада, ве молам дозволете оваа изјава да послужи како потврда дека го прекинувам периодот на уништување на електраните за 10 дена, до понеделник, 6 април 2026 година, во 20 часот по источно време“,
пишува Трамп.
Според него, разговорите се во тек и одат многу добро и покрај „погрешните изјави за спротивното од страна на медиумите што шират лажни вести“.
Подоцна Трамп во изјава за Фокс њуз рече дека дал десетдневна пауза и покрај тоа што Иран барале таа да трае седум дена.
Тој, исто така, продолжи да прогласува победа во војната додавајќи:
„Во извесна смисла, ние веќе победивме“.
Претходно, американскиот претседател ги повика иранските лидери да преговараат за крај на речиси едномесечната војна или ќе се соочат со понатамошни атентати на високи функционери, во услови на интензивирана акција од страна на САД и Израел.
Ирански извори тврдат дека Техеран не побарал прекин на нападите врз енергетските постројки и дека сè уште не дал конечен одговор на американскиот предлог за прекин на конфликтот.
Вчера, Трамп изјави дека американските сили речиси целосно ги уништиле воените капацитети на Иран, но додаде дека дури и минимална закана во Ормускиот Теснец може да има сериозни последици. Тој додаде дека дури и речиси целосното уништување не е доволно.
Според Трамп, лидерите на Иран не сакаат да признаат дека преговараат со Соединетите Американски Држави (САД) бидејќи се плашат да не бидат убиени од сопствениот народ.
Иран претходно издаде пет услови за завршување на војната кои, како што изјави ирански функционер за државните медиуми, вклучуваат завршување на конфликтот на сите фронтови и исплата на репарации.
Изјавата дојде откако медиумите претходно објавија дека Иран добил од САД план од 15 точки, од кои првите пет, според информациите, се однесуваат на нуклеарниот сектор.
