Против сите инволвирани лица МВР најави соодветни поднесоци до надлежното јавно обвинителство, согласно Кривичниот законик

Секторот за внатрешни работи Тетово денеска привело тројца малолетници инволвирани во случаите со лажните дојави за поставени бомби во дел од основните и средните училишта во Тетово.
Со ова, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), вкупниот број приведени за овие инциденти се искачи на пет лица, од кои четири се малолетници. Сите тие се осомничени за инволвираност во испраќањето лажни закани за поставени бомби.
Против сите инволвирани лица МВР најави соодветни поднесоци до надлежното јавно обвинителство, согласно Кривичниот законик.
Од МВР упатија апел до родителите за поголема контрола и надзор врз своите деца со цел да се спречат вакви појави кои го загрозуваат безбедносниот систем.
„СВР Тетово нема да толерира обиди за загрозување на безбедноста на учениците и граѓаните. Во случаи на идни вакви дејствија ќе се преземаат најстроги законски мерки против сторителите, но и против родителите за занемарување на должноста за надзор“,
додаваат од полицијата.
Покрај кривичната одговорност, полицијата најави дека во тесна соработка со образовните институции и центрите за социјална работа ќе бидат иницирани педагошки и социјални мерки.
