Во описот за случајот се вели дека осомничениот 21-годишник вечерта на 24 март во скопско Марино управувал со автомобил марка „киа“ без да поседува возачка дозвола и под дејство на алкохол со концентрација од 0,94 отсто во крвта
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара притвор за 21-годишниот возач што пред два дена усмрти пешак во скопско Марино.

Предлогот за определување мерка притвор за осомничениот е поради опасност од негово бегство, можност за влијание врз сведоци или да стори ново кривично дело.
ОЈО Скопје, како што информираат од оваа установа, донесе наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишник осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Во описот за случајот се вели дека осомничениот 21-годишник вечерта на 24 март во скопско Марино управувал со автомобил марка „киа“ без да поседува возачка дозвола и под дејство на алкохол со концентрација од 0,94 отсто во крвта.
„Брзината на движење на возилото не ја приспособил кон сообраќајните услови и не обрнал внимание на пешакот Оливер Младеновски, кој веќе почнал да го преминува коловозот. Поради тоа, осомничениот не успеал навреме да запре и со возилото удрил во пешакот, нанесувајќи му тешки телесни повреди од кои подоцна и починал“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Според информациите од СВР Скопје, несреќата била пријавена на 24.03.2026 година во 23:20 часот.
Настанот се случил на улицата „500“, кога патничко возило марка „киа“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 21-годишниот А.А., удрило во пешакот О.М. (52). И возачот и жртвата биле жители на селото Марино.
„Во несреќата од здобиените повреди на самото место починал О.М., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт“,
се вели во полицискиот извештај.
Возачот А.А. е приведен и задржан во Полициската станица – Гази Баба, а возилото е одземено од страна на надлежните органи за вештачење.
