„Наредниот период ќе стигнат дополнителните возила. Сега стигнаа 17 ‘страјкери’, а останатите од вкупно 42 би требало да пристигнат до средината на летото“, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски и им заблагодари на САД за помошта во процесот на модернизација на македонската Армија
Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денеска беа претставени 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“, набавени од САД како дел од договорот за опремување на македонската Армија со лесни оклопни возила.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им заблагодари на Соединетите Американски Држави за помошта во процесот на модернизација на македонската Армија, а на премиерот за одвоениот, како што рече, историски буџет за Министерството. Посочи дека ова е еден од најголемите проекти на Министерството за одбрана.
„Наредниот период ќе стигнат дополнителните возила. Сега стигнаа 17 ‘страјкери’, а останатите од вкупно 42 би требало да пристигнат до средината на летото. Она што го бара НАТО од нас е да вложуваме над 20 проценти во модернизација, а ние го правиме тоа уште повеќе – над 32 отсто од нашиот буџет се директно за модернизација. Следат уште многу проекти, бидејќи изминатиот период со пријателите од САД направивме повеќе договори влада со влада, а најголем дел поминаа во Собранието“,
рече Мисајловски на денешниот настан во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Со набавката на „страјкерите“, според премиерот Христијан Мицкоски, ќе се зајакнат капацитетите и ќе се подобри оперативноста на АРМ, што, како што рече, ќе ја направи поконкурентна во однос на други армии.
„Ќе продолжиме и во иднина да инвестираме во Армијата, цениме дека тоа е многу значајно. Сакаме да имаме целосно нова современа опрема, се разбира во рамки на можностите на буџетот и сите оние критериуми што се бараат до 2032 година да бидат од наша страна исполнети. Тоа што сега претставува минимум, ние сме многу над тој минимум и сме во тие земји кои инвестираат повеќе од тој минимум што беше до сега 2 отсто од БДП, за разлика од некои други земји кои сè уште не го постигнале тој минимум“,
изјави Мицкоски.

На настанот се обрати и в.д. амбасадорката на САД, Никол Бернс, која порача дека со пристигнувањето на пешадиските транспортери „страјкер“, чија целосна испорака од 42 возила ќе се заокружи во текот на летото, земјава прави видлив чекор кон модернизација на својата армија и зајакнување на своето место во НАТО.
„Овие ‘страјкери’ се повеќе од нови возила во вашиот инвентар. Тие се конкретен знак за нашето партнерство и јасен израз за нашата заедничка посветеност да ги браниме нашите земји, нашата Алијанса и вредностите за кои се залагаме. Кофинансирана од С Македонија и САД преку финансирање на странски војски, оваа програма покажува што можеме да постигнеме кога финансираме заедно во нашата колективна одбрана“,
рече в.д. амбасадорката на САД, додавајќи дека денешниот ден е исклучително важен за Северна Македонија, за НАТО и за заедничката безбедност.
Бернс додаде дека преку програмата на САД за продажби на странски војски, земјава добива не само напредни и интероперативни системи, туку и обука за нивно користење и одржување што во моментов се одржува во Петровец и во Штип.
