Во објава на својата социјална мрежа Трут сошал, американскиот претседател го пофали унгарскиот премиер како силен и моќен лидер и ги повика Унгарците да го поддржат на претстојните избори, нарекувајќи го вистински пријател, борец и победник
Американскиот претседател Доналд Трамп јавно ја изрази својата поддршка за премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, пред парламентарните избори во земјата закажани на 12 април, на кои Орбан ќе бара реизбор.

„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно. Ја има мојата целосна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија“,
порача американскиот претседател.
Во објава на својата социјална мрежа Трут сошал, Трамп го пофали Орбан како силен и моќен лидер и ги повика Унгарците да го поддржат на претстојните избори, нарекувајќи го вистински пријател, борец и победник. Трамп, меѓу другото, ги истакна политиките на Орбан за имиграцијата и економскиот раст и рече дека билатералните врски меѓу Вашингтон и Будимпешта се зајакнале под негово водство.
„Со нетрпение очекувам да продолжам да соработувам со него, за нашите две земји понатаму да напредуваат по овој пат кон успех и соработка“,
додава Трамп во објавата.
Објавата на Трамп доаѓа во момент кога Унгарија влегува во жестока изборна кампања, при што владејачката партија Фидес на Виктор Орбан се соочува со зголемен притисок од опозициските сили. Според анкетите, ултраконзервативниот Виктор Орбан, кој е на власт во Унгарија од 2010 година, на овие избори, на кои се надева на петти мандат, се наоѓа во понеповолна позиција во однос на минатото.
