Според Би-би-си, ваквите коментари како да ги ублажуваат вчерашните тврдења на Трамп дека двете страни направиле голем напредок кон постигнување договор
Како причина за повторниот скок на цените на нафтата, медиумите го наведуваат негирањето на Иран дека имало разговори со претставници на САД за завршување на војната
Плановите за евентуални разговори меѓу Соединетите Американски Држави и Иран остануваат „флуидни“, изјавиле од Белата куќа за Би-би-си, додавајќи дека секоја шпекулација не треба да се смета како конечна.

Коментарите на Белата куќа за британскиот национален сервис доаѓаат откако вчера американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл објави дека САД ги одложуваат сите напади врз иранската енергетска инфраструктура по, како што наведе, продуктивни разговори со претставници на Иран.
Од друга страна, официјален Техеран негираше дека имало какви било разговори, оценувајќи ги наводите на Трамп, како лажни вести.
По вчерашните наводи на Трамп уследија објави во дел од светските медиуми дека е можно потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс да ја претставува американската администрација во меѓу разговорите меѓу Вашингтон и Техеран што наводно би се одржале во Пакистан.
Сепак, од Белата куќа велат дека ситуацијата околу евентуални преговори е „флуидна“ и посочуваат дека информации за состаноци меѓу високи претставници на САД и Иран не се формално објавени.
Според Би-би-си, ваквите коментари како да ги ублажуваат вчерашните тврдења на Трамп дека двете страни нправиле голем напредок кон постигнување договор.
„Ова се чувствителни дипломатски дискусии и САД нема да преговараат преку медиумите. Ситуацијата е флуидна и шпекулациите за состаноци не треба да се сметаат за конeчни сè додека не бидат официјално објавени од Белата куќа“,
изјавила портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит за Би-би-си.
Среде спротивставените извештаи за можни разговори меѓу САД и Иран, висок функционер на иранското Министерство за надворешни работи за Си-би-ес њуз изјавил дека Техеран преку посредници добил список со предлози од САД, како претходница за евентуални разговори.
„Преку медијатори, добивме предлог со поенти од САД и тие се разгледуваат“,
изјавил иранскиот функционер.
Како што појаснува Си-би-ес“ овој чекор наводно е преземен како подготовка за евентуални разговори за кои нема официјална потврда дека ќе се одржат или дека се во тек.
Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера изјави дека САД и Иран воделе разговори за завршување на војната, но претседателот на иранскиот парламент ги негираше неговите наводи.
Трамп повтори дека САД би можеле да постигнат договор за запирање на конфликтот откако се откажаа од заканите за бомбардирање на иранските енергетски објекти и одложување на нападите.

Во меѓувреме, цената на суровата нафта „брент“ повторно се искачи на над 100 долари за барел, по вчерашниот пад кој дојде кратко по објавата на Трамп за наводни разговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Утрово на азиските берзи, референтната цена на „брeнт“порасна за 3,75 процeнти, односно на 103,69 американски долари, додека цената на нафтата „нимекс лајт свит“, според Би-би-си, е повисока за 3,42 проценти и изнесува 91,55 долари.
Како причина за повторниот скок на цените на нафтатата, медиумите го наведуваат негирањето на Иран дека имало разговори со претставници на САД за завршување на војната.
