„Намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто нема ефект, граѓаните плаќаат поскапо гориво, но најлошото е што со ова поскапување ќе продолжи растот на цените на храната“, велат од СДСМ
Опозицискиот СДСМ останува на ставот дека мерките што вчера ги донесе Владата за намалување на ДДВ за горивата нема ефект бидејќи од полноќ ќе има ново покачување на цената на дизел-горивата.

„Поскапувањето не се спречи, дизелот поскапи и од ноќеска ќе чини 95,5 денари за литар. За само три недели ова е трето покачување на цената на дизелот, при што вкупното зголемување достигна 24,5 денари по литар. Намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто нема ефект, граѓаните плаќаат поскапо гориво, но најлошото е што со ова поскапување ќе продолжи растот на цените на храната“,
велат од СДСМ.
Оттаму го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека не презел мерки за намалување на цените на храната и посочија дека дел од продуктите како маслото за јадење, јајцата и овошјето и зеленчукот веќе поскапиле.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера на прес-конференција рече дека владината одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти за горивата е задоцнета и нема да даде ефект. Посочи дека мерката е далеку од доволна и нема да придонесе за реално намалување на цените на горивата.
