„Се заштедуваат отприлика околу 200 илјади евра на ден, или некаде околу милион и пол илјади евра седмично, земајќи ја предвид просечната потрошувачка на гориво. Со оглед на тоа дека просечната потрошувачка е некаде околу милион и шестотини илјади литри од коишто милион и двесте литри се дизел-гориво, отприлика 75%, а останатите четиристотини илјади литри се бензин од 95 и 98 октани“, се наведува во соопштението од владејачката партија објавено утрово
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги брани мерките на Владата за намалување на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 проценти, наведувајќи дека со нив директно ќе се влијае на стабилизирање на цените.

Според партијата, намалувањето на ДДВ за горивата и ослободувањето количини мазут од државните резерви, се двете мерки со кои Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го спречи зголемувањето на цените на производите и на електричната енергија.
Осврнувајќи се конкретно на мерката за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, од партијата велат дека со оваа мерка се очекува цената на бензините да остане речиси непроменета, додека дизелот да поскапи за околу три до три и пол денари по литар, наместо за повеќе од 10 денари.
Во соопштението, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека и покрај зголемувањето, Македонија има убедливо најниски цени на горивата во регионот.
„Овие мерки носат конкретни заштеди за граѓаните, се заштедуваат отприлика околу 200 илјади евра на ден, или некаде околу милион и пол илјади евра седмично, земајќи ја предвид просечната потрошувачка на гориво. Со оглед на тоа дека просечната потрошувачка е некаде околу милион и шестотини илјади литри од коишто милион и двесте литри се дизел-гориво, отприлика 75%, а останатите четиристотини илјади литри се бензин од 95 и 98 октани“,
се наведува во соопштението од владејачката партија.
Оттаму додаваат дека намалувањето на даноците е најбрзиот начин да се ублажи ударот од нафтената криза што настана поради воените случувања на Блискиот Исток и да се спречи ширење на поскапувањата во целата економија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, електроенергетскиот систем во државата функционира стабилно, со активни производствени капацитети. Во таа насока, оттаму наведуваат дека во функција се блоковите 1 и 3 во РЕК „Битола“, и дека на депониите има околу 80 000 тони јаглен во Битола и дополнителни 160 000 тони во Кичево.
„Акумулациите во хидросистемот се на околу 40 проценти исполнетост, што би било доволно за производство на електрична енергија за околу еден месец и во услови ако останатите извори запрат“,
се вели во соопштението.
Она што e предизвик, се додава, е цената на мазутот, поради што се размислува следната недела да се донесе одлука за интервенција со околу 2 000 тони мазут од државната резерви. Ова е со цел да се намалат трошоците на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и да се спречи евентуално поскапување на електричната енергија.
„Со овие мерки се прекинува синџирот на поскапување. Превентивно се делува за да се спречат економските притисоци и се штитат цените на храната, транспортот и услугите“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера Владата на вонредна седница донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, што, според премиерот Христијан Мицкоски, треба да го ублажи скокот на цените на дериватите. Одлуката ќе стапи во сила в понеделник на полноќ, односно на 23 кон 24 март и ќе трае во наредните две недели.
Од друга страна, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, ја оцени одлуката на Владата како далеку задоцнета и неефикасна, наведувајќи дека нема да придонесе за реално намалување на горивата.
Според лидерот на опозициската партија, граѓаните ќе почувствуваат вистински ефект доколку власта ги прифати мерките на СДСМ – намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 отсто, дополнително намалување на акцизата за четири денари, укинување на ДДВ за основните прехранбени продукти и преполовување на цените на патарините.
