Од ресорното Министерство информираат дека во фокусот на разговорите и активностите за време на посетата ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, натамошната динамика на пристапниот процес, како и секторската соработка со институциите на Европската Унија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што се очекува да оствари средби со еврокомесарката за проширување Марта Кос и со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату.

Муцунски во Брисел ќе биде придружуван и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој се очекува да оствари средба со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер.
Покрај тоа, предвидени се и повеќе средби со пратеници во Европскиот парламент, како и брифинг на министерот со претставници на земјите членки на Работната група за проширување при Советот на Европската Унија.
„Во фокусот на разговорите и активностите за време на посетата ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, натамошната динамика на пристапниот процес, секторската соработка со институциите на Европската Унија, како и други актуелни политички, економски и реформски прашања од заеднички интерес“,
се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во рамките на посетата Муцунски ќе учествува и на тркалезна маса „Патот кон европското проширување“, во организација на „Пријатели на Европа“.
