Според МВР на сопственикот на фирмата, како оштетено лице, му било образложено дека за стоката која што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), пак, наведуваат дека осомничениот во периодот од 5 март до вчера директно побарал значителна имотна корист за себе за да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“, вршејќи притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока на правното лице, иако истата многупати претходно била увезувана
Министерството за внатрешни работи (МВР) попладево преку писмено соопштение и официјално потврди дека го лишило од слобода директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев и дека против него е поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело примање поткуп.

Кривичната пријава за делото кое се гони по член 357 од Кривичниот законик (КЗ) е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Во соопштението на МВР, осомничениот е наведен со иницијали – В.А. (41), кои упатуваат дека станува збор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство.
Формално, според соопштението, Анакиев од слобода е лишен денеска, од страна на полициски службеници од Единицата за борба против корупција при Секторот за кримининалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.
Поткупот требало да се предаде на три рати
Според споделените детали од МВР, во врска со случајот, осомничениот Анакиев се товари дека извршил службено дејствие што не би смеел, односно од сопственик на фирма побарал поткуп од 100 000 евра за да овозможи увоз на стока која имала забрана за влез во земјава бидејќи не ги исполнувала законските прописи.
Поткупот, како што наведуваат од Министерството, бил побаран индиректно, преку лице шпедитер.
„В.А., во својство на службено лице, директор на Државен инспекторат за земјоделство, со цел стекнување на противправна имотна корист од сопственик на правен субјект кој се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер побарал поткуп во износ од 100 000 евра, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши.
Имено, на оштетеното лице му било образложено дека за стоката која што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник“,
се вели во соопштението.
Но, со цел увозот да се изврши непречено, на сопственикот на фирмата, кое во соопштението на МВР е наведено како оштетено лице, му биле побарани 100 000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати.
Имено, првично оштетеното лице требало даде износ од 50 000 евра, додека во останатите два наврати по 25 000 евра.
Примопредавањето на парите од првата рата во износ од 50 000 евра, според МВР, било извршено вчера. Нив од оштетеното лице првично ги презел шпедитерот, за потоа да му ги предаде на осомничениот Анакиев.
Откако осомничениотги зел парите, по преземени мерки и активности, односно при преглед на патничко возило, полицијата ги пронашло по совозачкото седиште.
Деталите од ОЈО ГОКК
Кратко по МВР, во врска со случајот со соопштение излезе и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), од каде информираат дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице.
Оттаму, наведуваат дека истрагата е отворена по кратка предистражна постапка, успешно реализирана вчеравечер под координација на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, а спроведена е екипи на МВР.
„Врз основа на досега обезбедените докази и поднесената кривична пријава на лицето му се става на товар дека сторило кривично дело примање поткуп“,
се вели во соопштението на Обвинителството.

Од ОЈО ГОКК наведуваат дополнителни детали во врска случајот, конкретно за дејствијата што ги преземал осомничениот и стоката што требало да биде увезена. Според Обвинителството, осомничениот, во периодот од 5 март до вчера директно побарал значителна имотна корист за себе за да „изврши службено дејствие што би морало да го изврши“. Тој вршел врз притисок врз службени лица да не се одобри увоз на стока на правно лице, иако истата многупати претходно била увезувана.
„Како оправдување на шпедитерот му било истакнато дека стоката што требало да се увезе не е во согласност со законските прописи. Како резултат на притисоците стоката повеќе денови стоела на граничен премин, па откако оштетениот побарал образложение за забраната, осомничениот започнал дејствие на барање на поткуп“,
се наведува во соопштението.
На 13 март бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50 000 евра да му биде дадена до вчера, а останатите две рати во деновите што следат.
„Откако оштетениот ги предал парите на шпедитерот кој требало да биде посредник при исплата на ратите, шпедитерот вчеравечер се сретнал со осомничениот и извршиле примопредавање на паричните средства, по што осомничениот е лишен од слобода од страна на полициски службеници“,
наведуваат од Обвинителството.
Поради сознанијата на ОЈО ГОКК и досега обезабедените докази, надлежниот јавен обвинител, до Основниот кривичен Скопје побарал на осомничениот да му биде определена мерка притвор.
