Станува збор за предлог-закон за дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејството, што по вторпат не ја добива поддршката на мнозинството пратеници во Собранието
„Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека пратениците од мнозинството денеска повторно избрале да бидат соучесници во насилството наместо во превенцијата
Мнозинството пратеници во Собранието денеска не го поддржаа предлогот на дел од нивните колеги од опозицијата за законски дополнувања со кои би се вовела електронска нараквица за следење на сторители на семејно насилство и би ја предупредувале жртвата.

За законот гласаа само 27 пратеници од вкупно 94 регистрирани. При гласањето воопшто немаше народни избраници кои се изјаснија „против“ или, пак, беа воздржани.
Предлогот за дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејството го поднесоа повеќемина пратеници од опозицијата, а пред пратениците денеска го образложи претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова.
Таа посочи дека не станува збор за нов закон за дополнување на посочениот закон, бидејќи пред една година пред Собранието беше поднесен истиот текст, кој и тогаш беше одбиен.
„Точно пред една година од оваа собраниска говорница беше поднесен истиот текст на законот со којшто бараме воведување на електронска нараквица за следење на сторителот на насилство, односно нараквица која ќе ја предупреди жртвата дека сторителот се приближува до одредено место во кое таа се наоѓа. Пред една година овој предлог беше одбиен, без никаква аргументација, а можеби ако го усвоевме тогаш, ќе значеше некое женско име помалку во црниот биланс, односно во билтените на Министерството за внатрешни работи“,
рече Зајкова.
Предлогот, како што додаде таа, е поднесен по скратена постапка и има единствена цел да обезбеди превенција од насилството врз жените на кое, додаде, сведочевме изминатиот период, а кое за жал во многу наврати заврши со ненадоместливи штетни последици.
Дополнувањата на законот рече дека немаат никаква финансиска импликација, бидејќи за нивна имплементација можат да се искористат електронските нараквици коишто се предвидени за системот за пробација, а кои се наоѓаат во депото на Министерството за правда.
„Во депото коешто се наоѓа при Министерството за правда има еден куп вакви електронски нараквици кои се наменети за системот за пробација и коишто можат да се стават во функција и за превенција и спречување на насилство врз жените. Јас сакам да упатам една порака, да се исправи грешката којашто се направи пред една година и пратениците да дадат поддршка на овој закон, затоа што во спротивно ќе останат запаметени како соучесници во насилството врз жените, затоа што иако можеле не направиле ништо да превенираат нови насилства“,
рече пратеничката од собраниската говорница.

Но и покрај, нејзиниот апел и аргументите, мнозинството пратеници не го поддржаа предлогот.
Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, во изјава за порталот „Сакам да кажам“, вели дека пратениците од мнозинството денеска повторно избрале да бидат соучесници во насилството наместо во превенцијата, со одбивањето по втор пат на предложените дополнувања.
„Без збор. Без аргумент. А утре ќе изразуваат жалење за секој нов случај што не го превенирале“,
вели Зајкова.
На неприфаќањето на предлогот, преку објава на социјалните мрежи жестоко реагира и пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, кое според него претставува длабока политичка човечка и вредноста грешка.
Според него, пчратениците денеска отфрлиле вредносна и цивилизациска обврска – „државата да застане на страната на оној што е во опасност, а не да остане нем набљудувач додека опасноста се приближува кон жртвата“.
Битиќи вели дека бил еден од потписниците на иницијативата затоа што верува дека семејното насилство не е оградено во приватната, интимна, сфера на жртвите, туку претставува најтежок вредносен тест за карактерот на државата и тие кои што управуваат со неа.
„Кога институциите немаат волја да воведат механизам што може да предупреди, превенира и заштити, тоа значи дека државата не застанува до жртвата тогаш кога ѝ е најпотребна“,
пишува тој на Фејсбук.
Додава и дека оваа одлука на мнозинството пратеници ја разголува, како што вели, длабоката противречност на власта.
„Таа сака да се претставува како ‘десничарска’, како власт на ред, вредности и поредок, но каква е таа идеологија што не препознава дека првата должност на државата е заштитата на ранливиот? Без заштита, секоја идеологија што се повикува на вредности останува без човечка содржина.
Семејното насилство не започнува со последниот физички удар, како што ни фемицидот не доаѓа без претходни сигнали. Тоа е општествено толериран процес на страв, закани и институционална тромавост. Затоа денешната одлука на Собранието е одбивање на вредносна определба: дали ќе градиме држава што ќе дејствува навреме или држава која постојано ќе бара изговори кога ќе се случи трагедија?“,
наведува Битиќи.
