Ристов, кој по потекло е од Радовиш, во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025 година ја извршувал функцијата градоначалник на Радовиш
Членовите на собраниската Комисија за избори и именувања, на денешната седница, со седум гласа „за“, два „против“ и ниту еден воздржан, одлучија Ацо Ристов да биде предложен за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски. Предлогот треба да биде изгласан на пленарна седница на Собранието.

Ацо Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.
Тој по потекло е од Радовиш, а во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025 година, ја извршувал и функцијата градоначалник на Радовиш.
Покрај Ристов, на огласот за претседател на РКЕ беше пријавен и Шамил Реџепи од Тетово, магистер по економски науки, вработен во РКЕ од 2004 година.
„Кандидатот не ги исполнува условите од огласот. Дипломиран економист не е наведено во огласот, државјанството е старо од 1995 година, што може да се каже дека е неважечко“,
рече претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски.
На ова реагираше пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ која побара одговор од претседателот на Комисијата зошто во јавниот оглас е ограничен критериумот за образованието во однос на член 47 од Законот за енергетика.
„РКЕ е значајна институција за енергетскиот сектор и за заштита на јавниот интерес. По член 47 од Законот за енергетика, кандидатот за претседател на РКЕ може да има образование во неколку различни области, но во огласот критериумите се ограничени само во електротехничкиот дел и тоа создава неусогласеност меѓу огласот и законот“,
рече Пашоли.
Сајкоски појасни дека согласно член 47 од Законот за енергетика, РКЕ ја сочинуваат седум члена, од кои еден е претседател, а досегашниот претседател Бислимоски бил магистер по електротехника.
Бислимоски поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.
