Според ексградоначалникот на Скопје, иницијативата за негово исклучување од СДСМ е донесена спротивно на Статутот на партијата. Го повика лидерот на СДСМ да дојде во Општинската организација на партијата во Карпош и таму заедно со членството да разговараат за неговото исклучување, но и за, како што додаде, заминувањето на Филипче
Со иницирањето постапка за негово исклучување од СДСМ, ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека се потврдиле неговите тврдења дека актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз договорено одработува за ВМРО-ДПМНЕ и за интересите на владејачката партија, а не за СДСМ и неговото членство. Според него, актуелното раководство на СДСМ тоа го прави за да не биде предмет на евентуални кривични истраги.

„Кажав дека е очигледно оти постои договор кој предвидува СДСМ да биде во ваква состојба во којашто е, да ги промашува упорно темите и да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да истера два мандати, за сметка на тоа да не бидат предмет на можни евентуални истраги и кривични прогони“,
рече тој во изјава за медиумите на паузата од денешното рочиште во предметот „Пулс“, каде тој е бранител на обвинетиот Шофкет Хазари.
Шилегов рече дека исто така се докажало и оти партијата е целосно кадровски исцрпена и луѓето на кои им значи СДСМ, а се, како што кажа, сериозен фактор во државата, веќе не се таму. Според него, иницијативата за негово исклучување од СДСМ е донесена спротивно на Статутот на партијата.
„Ако го прочитале Статутот, а таму во Извршниот одбор очигледно нема кој да го прочита, тогаш ќе им биде јасно дека исклучувањето на член на СДСМ го извршува општинската организација каде што припаѓа, во којашто претседателот Филипче првпат влезе кога е избран за претседател”,
рече Шилегов.
Тој го повика лидерот на СДСМ да дојде во Општинската организација на партијата во Карпош и таму заедно со членството да разговараат за неговото исклучување, но и за, како што додаде, заминувањето на Филипче.
„Во однос на тоа дека тој завршил со Петре Шилегов, јас нема да дозволам она што го имам направено во својот живот професионално, но уште повеќе политички она што го имам направено за СДСМ и сè уште го правам, да го валка човек којшто нестатутарно е избран за претседател”,
изјави поранешниот градоначалник на Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање што планира во следниот период, тој рече дека веќе најавил завчера.
„Патформата продолжува, стратегијата се развива. Ќе го замолам ова раководство на СДСМ да си замине, да ја ослободи партијата. СДСМ е партија којашто ја има создадено независна Македонија, е партија на илјадници и илјадници истакнати луѓе. СДСМ не е сопственост на една групација па со неа да се пазарат за својата слобода”,
рече тој.
На дополнително прашање дали со иницијативата за негово исклучување му се ускратуваат некои механизми за делување, тој рече дека апсолутно нема такво нешто. Надоврзувајќи се во одговорот, рече дека има очигледна тенденција да се забрани јавно да се зборува во СДСМ, но додаде дека никој не може да ги победи уверувањата и идејата.
„Како може да биде грев да барате оставка од претседател кој партијата ја направи петта во Скопје, трета во Куманово, трета во Велес, во Штип, во Битола, во Прилеп и потоа да ве убедува дека некој друг одработува за ВМРО, очигледно доведувајќи ја партијата до праг на опстанок”,
подвлече Шилегов.
Неговата изјава следува откако Извршниот одбор на СДСМ вчера донесе одлука да иницира постапка за негово исклучување од членството на партијата откако тој во телевизиско гостување претходниот ден најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска повторно го обвини Шилегов дека одработува за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, и рече дека нема да дозволи власта преку разни поединци да ја ситни и дели партијата.
