Министерството за здравство во Бејрут информира дека вкупно 773 лица досега се убиени во израелските напади во Либан

Повеќе од 100 малолетници се убиени во Либан од почетокот на последната ескалација меѓу Израел и проиранската милиција Хезболах, соопштија денеска властите.
Министерството за здравство во Бејрут информира дека вкупно 773 лица досега се убиени во израелските напади во Либан. Министерството во својот дневен извештај вели дека во нападите убиени се 103 деца, а уште 326 се ранети. Регистрирани се 1 933 повредени лица.
Од Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ) велат дека по интензивирањето на конфликтот на Блискиот Исток, ситуацијата станува катастрофална за милиони деца низ целиот регион. Оттаму велат дека од 28 февруари, повеќе од 1 100 деца се пријавени како повредени или убиени во насилството. Ова, се вели во соопштението од УНИЦЕФ, вклучува 200 деца за кои се тврди дека се убиени во Иран, 91 во Либан, четири во Израел и едно во Кувајт.
Овие бројки, додаваат од УНИЦЕФ, веројатно ќе се зголемуваат како што насилството се интензивира и се шири.
Претходно, Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ) соопшти дека во Либан масовното раселување се забрзува, а хуманитарните групи предупредуваат дека обемот на кризата расте од час во час.
Најмалку 816 000 луѓе, околу 14 проценти од населението, се раселени во првите 10 дена од ескалацијата, според официјалните бројки на НРЦ. Се очекува бројот дополнително да расте бидејќи Израел продолжува да издава предупредувања за евакуација и да врши воздушни напади во повеќе области на земјата.
„Степенот на уништување и раселување се зголемува со секој изминат час“,
вели Морин Филипон, директорка на НРЦ за Либан.
Таа рече дека семејствата во засолништата доживуваат повторени трауми, при што многумина повторно ги преживуваат циклусите на бомбардирање, загуба и раселување слични на оние што ги издржале за време на претходните борби.
Израелските наредби за евакуација сега покриваат околу 1 470 квадратни километри, или приближно 14 проценти од територијата на Либан, вклучувајќи делови од Јужен Либан, јужните предградија на Бејрут и долината Бека. Дополнителните предупредувања издадени неодамна го проширија бројот на загрозени села, поттикнувајќи дополнително движење на цивилите.
Хуманитарните организации велат дека условите во засолништата се влошуваат со растењето на бројот на раселени лица. Повеќе од 122 000 луѓе моментално престојуваат во колективни засолништа, од кои многу се преполни. Во едно училиште во кое се сместени околу 1 200 луѓе, во просек по 15 луѓе ја делат секоја училница, додека околу 23 луѓе користат само еден тоалет.
Од НРЦ велат дека резервите на вода се ограничени, а во многу засолништа недостасуваат тушеви и објекти за готвење.
