Тој рече дека Европската комисија продолжува да танцува на музиката на украинскиот претседател Володимир Зеленски, алудирајќи на тоа дека Европската Унија ги одржува санкциите и покрај зголемениот притисок врз енергетскиот пазар
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изјави дека САД ги суспендирале санкциите врз поморскиот транспорт на руска нафта, но дека Европската Унија не го следела нивниот пример, што, според него, дополнително го поттикнува растот на цените на енергијата во Европа, пренесува Анадолија.

Сијарто го критикуваше Брисел за, како што рече, одбивањето да ги ублажи ограничувањата што го спречуваат враќањето на руската нафта на европскиот пазар.
Тој рече дека Европската комисија продолжува да танцува на музиката на украинскиот претседател Володимир Зеленски, алудирајќи на тоа дека Европската Унија ги одржува санкциите и покрај зголемениот притисок врз енергетскиот пазар.
Тој, исто така, предупреди дека војната на Блискиот Исток, заедно со затворањето на Ормускиот Теснец, веќе го намалува глобалното снабдување со нафта, што доведува до зголемување на цените.
„Ако количеството на нешто се намали, цената се зголемува“,
рече тој истакнувајќи дека Европа е најтешко погодена бидејќи и прекините во снабдувањето на Блискиот Исток и руската енергетска забрана ги зголемуваат цените на горивата низ целиот континент.
Сијарто изјави дека цените на дизелот во некои европски земји веќе надминуваат 800 форинти (2,10 евра) за литар, додека цените на горивата растат и во соседните земји.
Тој подвлече дека суспензијата на санкциите, слична на одлуката на САД, ќе помогне во стабилизирањето на цените и нагласи дека Унгарија ќе продолжи да го брани својот суверенитет и да ги штити домаќинствата од зголемување на цените. Руската нафта, смета тој, мора да се врати на европскиот пазар за да се ограничи зголемувањето на цените.
Соединетите Американски Држави (САД) издадоа 30-дневна дозвола за купување руска сурова нафта и нафтени деривати што во моментов се на море, што, според за американскиот секретар за финансии Скот Бесент, е чекор кон стабилизирање на глобалните енергетски пазари погодени од војната со Иран.
Одлуката на САД, објавена синоќа, доаѓа неколку часа откако референтните цени на нафтата се искачија над 100 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години. Според Бесент, ваквиот потег нема да обезбеди значителна финансиска корист за руската влада, која средствата од продажба на нафта и гас ги користи за финансирање агресијата врз Украина.
