Во меѓувреме, како што пренесе „Гардијан“, Иранската револуционерна гарда потврдила дека извршила координиран напад со Хезболах врз Израел
Израелската армија вечерва започнала, како што наведува, голем бран воздушни напади врз Бејрут. Според извештаите на светските медиуми, експлозии го осветлиле небото над либанскиот главен град додека израелските сили напаѓале цели во градот.

Портпаролот на израелската војска, Авичај Адраи, изјавил дека нападите доаѓаат како одговор на нова операција што ја започал Хезболах, организација што ја има поддршката на Иран.
Иранската револуционерна гарда, како што пренесе „Гардијан“ потврдила дека извршила координиран напад со Хезболах врз Израел.
Станува збор за прва заедничка операција на Иран и Хезболах против Израел откако пред 12 дена американските и израелските сили започнаа со воена кампања врз Иран.
Во исто време, израелските власти велат дека земјата е подготвена да ја продолжи војната со Иран колку што е потребно.
Во таа насока, министерот за одбрана, Израел Кац, изјави дека војната ќе продолжи без временско ограничување, сè додека не се постигнат сите цели на заедничката израелско-американска кампања.
Во меѓувреме, 29 земји во заедничка изјава изразија загриженост за ескалацијата на конфликтот во Либан, повикувајќи ги борците на Хезболах да го положат оружјето, а Израел да се воздржи од напади врз цивилната инфраструктура и густо населените области.
Земјите, исто така, го осудија нападот од 6 март врз Мисијата на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), во кој беа повредени четворица војници, и побараа сторителите да бидат повикани на одговорност.
Локалните власти во Либан, претходно соопштија дека најмалку 64 лица загинале и 142 се ранети во денешните израелски напади врз Бејрут и други делови на земјата. Новинската агенција ДПА јави дека во израелските воздушни напади бил погоден централниот дел на Бејрут, при што се убиени најмалку четири лица, додека во меѓувреме растат стравувањата од израелска копнена офанзива во Либан.
Според либанското Министерство за здравство, најмалку 634 лица се убиени, а повеќе од 1 500 се повредени откако започнаа израелските напади на 2 март. Во изјавата на 29-те земји, исто така, се наведува дека речиси еден милион луѓе во Либан ги напуштиле своите домови по израелските наредби за евакуација.
