Претставниците на Синдикатот велат дека кривичната пријава ја поднесуваат со жалење зашто до неодамна министерот Љутков бил еден од нив и заедно се бореле за правата на културните работници. Љутков, пак, вели дека во последните денови од страна СКРМ се изнесуваат тврдења против него што се неточни и паушални
Синдикатот на културата (СКРМ) поднесе кривична пријава против министерот за култура и туризам Зоран Љутков за злоупотреба на службената положба и овластување и за повреда на правата од работен однос.
Тој, пак, на прес-конференција соопшти дека никој од вработените во културата не е обесправен и сите се третираат според законите и правилата. Посочи дека привилегиите што ги бараат одредени групи се надвор од законските рамки.

Пред зградата на Јавното обвинителство, претставниците на Синдикатот посочија дека кривичната пријава ја поднесуваат со жалење, зашто до неодамна министерот Љутков бил еден од нив и заедно се бореле за правата на културните работници.
„Сега, од позиција на министер, за жал, стои на спротивната страна од таа борба. Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба, денес е симбол на нивното кршење. Министерот направи нешто што во правна држава не смее да се направи, со насоки пратени по мејл и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори. Упатство или мејл не е закон и министер не е над закон. Синдикатот го оспорува ова упатство со иницијатива поднесена до Уставниот суд, со која се бара истото веднаш да се стави вон сила и да се поништи поради неуставност“,
велат од Синдикатот на културата.
Оттаму додаваат и дека има повеќе од 800 тужби во културата против институциите и државата, нешто за што велат дека никогаш немало да се случи доколку се почитуваа законите.
„Сведоци сме на над 50 судски пресуди, од кои осум се правосилни. Вработените во културата имаа осум правосилни пресуди кои мора да се почитуваат и спроведуваат. И покрај тоа, министерот останува глув. Глув за законите, глув за правдата, глув за културните работници. Кога министерот не ги почитува законите и се става над нив, единственото место каде може да се бара правдата е Обвинителството, кое треба да го потсети дека никој не е над законите“,
посочија од СКРМ.
Со своите постапки, како што велат, Љутков ги доведе и директорите на институциите во културата во исклучително незавидна и правно ризична позиција, туркајќи ги да постапуваат по негови насоки и упатства, иако беа во спротивност со законите, одлуките на Управните одбори и сега последно со судските одлуки.
Поради тоа СКРМ ќе поднесе кривични пријави и против директори на институции од културата за повреда на правата од работен однос.
„Важно е да се нагласи дека директорите беа претходно писмено предупредени од Синдикатот дека доколку постапат по незаконските налози и ги прекршат правата на вработените, ќе следуваат кривични пријави. Им дадовме можност од една година да ја исправат направената грешка и да постапат согласно закон и колективните договори. Наместо тоа, тие избраа да продолжат по погрешниот пат. Сега ќе мора да се соочат со правните последици од таквите одлуки“,
велат од Синдикатот.

Според министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во последните денови од страна на Синдикатот на културата се изнесуваат тврдења против него што се неточни и паушални.
„Сакам недвосмислено да нагласам дека како министер секогаш стојам на страната на учесниците во културата и се залагам за заштита на нивните права. Никогаш не сум постапувал самоволно, ниту сум ускратил законски загарантирани работнички права. Сите одлуки што ги носам се во согласност со законските рамки и со принципот на еднаков третман за сите вработени во културниот сектор“,
рече тој на прес-конференција во Владата.
Посочи дека во државата се применува општ колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор со утврдена пресметка за плата.
„Општиот колективен договор предвидува покачување на платите во јавниот сектор за 10 отсто од месец септември 2023 година. Заради усогласување од страна на Министерството за култура било понудено склучување анекс на колективниот договор што Синдикатот го одбил. Денеска на прес-конференција слушнавме дека такво нешто не било понудено, но јас го имам документот. Па, сега Синдикатот тужи за пресметка на плати за начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на плата од објавената минимална плата во согласност со закон во државата“,
вели Љутков.
Како појаснување, министерот упати конкретен пример, односно дека во 2025 година минималната плата во јавниот сектор за пресметка на основната бруто-плата изнесуваше 36 037 денари, а барањето на Синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто-плата да се прави на износ од 39 641 денар.
Тоа, како што рече, ги става во поповолна ситуација од сите други останати во јавниот сектор и е спротивно на минималната плата објавена согласно законот.
„Ако со покачувањето на минималната плата во 2025 година сите вработени во јавниот сектор добија покачување во нето-износ од 1 800 денари, вработените од установите во областа на културата добија покачување во нето-износ од 1 800 денари за најниското работно место до 4 390 денари за највисокото работно место. За какво намалување на платите зборуваме?“,
праша Љутков.
За надминување на состојбата по задолжение од Владата е изработено упатство за пресметка на платите на вработените во установите од областа на култура, кое е во согласност со законите и предвиденото во колективните договори и каде е вградено покачувањето од 10 отсто.
„Да бидам докрај прецизен, ова значеше разлики во пресметката на платите од Министерството и желбата на Синдикатот во износ од 471 до 1 330 денари по работно место во согласност со висината на платата. Односно, за да и биде појасно на јавноста, ако нето-платата за највисокото работно место според пресметките на Синдикатот изнесуваше 84 896 денари, според пресметките на Министерството ваквата пресметка на нето-плата изнесува 83 563 денари, т.е. разлика од 1 333 денари. За најниското работно место, пресметката на Синдикатот изнесуваше нето-износ од 30 670 денари, а според пресметките на Министерството од 30 199 денари, или разлика од 471 денари. Тоа е основна нето-плата на вработените без додатоци на плата (минат труд, прекувремена работа итн.). Ваквата разлика резултираше со 800 тужби од вработени во културата, постапки што се во тек и не се правосилно завршени“,
рече тој.
Појасни и дека Колективниот договор е потпишан во 2019 година, а започнува да се применува од 1 јули 2020 година. Досега, додава дека требало да се склучи нов, но сите обиди за преговори се неуспешни, токму поради непостоење волја од страна на Синдикатот на културата.
„И токму тука се наметнуваат суштинските прашања, дали е во ред одредени групи да бараат поволности што не би важеле за сите вработени во културата? Дали е оправдано да се инсистира на решенија што би значеле привилегии за едни, а исклучување на други? Дали е прифатливо, како што бара раководството на СКРМ, администрацијата да биде исклучена од овие решенија, а притоа да не се преземаат чекори бидејќи, како што велат тие, ќе се плашат дека ќе се загрози бројот на нивното членство во Синдикатот? Дали поднесувањето кривични пријави служи како средство за синдикална борба или претставува начин за вршење притисок врз институциите? И конечно, дали станува збор за вистинска заштита на работнички права или за наметнување политички ставови под превезот на синдикално дејствување“,
повторно праша министерот.
На крајот од прес-конференцијата заклучи дека никој од вработените во културата не е обесправен, туку напротив, сите се третираат според законите и правилата, без исклучоци.
