Одговарајќи на прашање, таа рече оти откако е вработена, директорите или инспектори на Дирекцијата за заштита и спасување не дошле во подрачното одделение на ДЗС во Кочани. Кажа дека имала една средба со обвинетиот Љупчо Грнчиштанов, инспектор во ДЗС, но, како што рече, тоа не било контрола, туку пријателска средба
Во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во Кочани не била примена документација во врска со т.н. кабаре „Пулс“, сведочеше денеска во судницата во Идризово вработена во институцијата, која потврди дека Дирекцијата со години немала инспектор во градот.

Одговарајќи на прашања на Обвинителството, таа на денешното рочиште од судскиот процес за пожарот кој однесе 63 животи, а со повреди остави повеќе од 200 лица, посочи дека во рамките на своето работно место прегледувала документација доставена од управители на фирмите во врска со правилници за заштита од пожари и опасни материи.
„Не“, гласеше нејзиниот одговор на прашањето дали во делокругот на нејзината работа има примено документација за „Пулс“, пренесе МИА.
Сведокот рече дека била вработена во подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Кочани од 2019 година. Појасни дека во работата се водела според Законот за заштита и спасување.
Прашана за организацијата на ДЗС во однос на инспекциските надзори, таа посочи дека не би знаела да одговори затоа што, како што кажа, подрачните одделенија се под Секторот за оператива.
Негативен беше и нејзиниот одговор на прашањето дали откако е вработена до денеска подрачното одделение на ДЗС во Кочани имало инспектор за заштита и спасување. Од друга страна, таа кажа оти ѝ се познати овластувањата и улогата што ги има генералниот инспекторат на ДЗС бидејќи, како што кажа, по документацијата што таа ја прегледува, инспектор треба да ја провери фактичката состојба.
За тоа каква документација прегледува, сведокот одговори дека станува збор за документи што ги приложуваат управителите на фирмите, а се однесуваат на прописите од правилникот за заштита од пожари и опасни материи.
„Во зависност од намената на објектот според Законот за заштита и спасување се гледа кои работи треба да ги сочинува објектот, во зависност од квадратурата и намената“,
рече таа.
Документацијата што ја поднесуваат фирмите ја прегледува таа, а фактичката состојба на терен врз нејзина основа, ја прегледуваат инспекторите.
За нејзиното работно место, како што наведе сведокот, не се прават годишни планови, а нејзината работа се контролира преку месечни извештаи што ги доставува до Дирекцијата за заштита и спасување.
На прашањето дали нејзината служба во однос на т.н. кабаре „Пулс“ има преземено некакви службени дејствија во делот примање документи, сведокот одговори негативно.
„Доколку ме прашувате за инспекцискиот надзор, не би можела да кажам. Немам добиено документација во однос на ‘Пулс’“,
рече таа.
Во однос на бројот на вработени во подрачната служба на ДЗС – Кочани, таа рече дека од 2022 година до 2024 година во неа биле вработени таа и архиварка, додека од 2024 година, во службата е останата само таа.
На прашањето, дали во овој период разговарала со директорот на ДЗС за состојбата со бројот на вработени во подрачната служба, таа рече дека лично не се обратила бидејќи, како што наведе, во Дирекцијата имаат сознанија и увид на вработените.
„Така што на сите им е познато во кои подрачни одделенија колку вработени се. Доколку има потреба за увид на пожари, за некаква контрола, доаѓаа од други подрачни одделенија“,
рече таа.
Прашана да појасни кој доставува елаборати за евакуација од пожар, сведокот рече инвеститорот, односно проектантот.
„Доколку имаме објект во градба или пренамена, елаборат за заштита и спасување, според закон е должен да изготви инвеститорот, односно проектантот. Целата документација за градежна дозвола ја прикачува општината, на којшто ние како Дирекција (подрачна единица) имаме рок од пет дена да се произнесеме. Исто е и за градба и за пренамена“,
кажа сведокот.

Одговарајќи на прашање таа рече оти откако е таа вработена, директорите или инспектори на Дирекцијата за заштита и спасување не дошле во подрачното одделение на ДЗС во Кочани. Кажа дека имала една средба со обвинетиот Љупчо Грнчиштанов, инспектор во ДЗС , но, како што рече, тоа не било контрола, туку пријателска средба.
„Од 2019 година, кога сум вработена имав еднаш посета од господинот Грнчиштанов, така и го запознав. Тоа беше пријателска средба, а не контрола“,
изјави сведокот.
Претходно на денешното рочиште започна сослушувањето и на сведокот Трајче Димишковски, но беше прекинато и треба да продолжи на следното рочиште.
Димишковски, вработен од 2008 година во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како возач-доставувач, рече дека од 2023 година до август 2025 година работел и во агенцијата за обезбедување „Рубикон”, како одговорен за обезбедувањето во училиштата.
Еден период, односно од април 2025 година добил полномошно да потпишува за исплата на плати во агенцијата.
Обвинителството реагираше дека сведокот дава сосема друг исказ од тој даден во истрага, додека пак, одбраната според извештајот на МИА, исто така реагира наведувајќи дека на неа не го добила исказот од овој сведок.
„Освен двајца бранители од Скопје, кои ги побараа доказите и ги добија на у-ес-бе, ниту еден друг бранител не ги побара по спојувањето на предметите“,
одговори Обвинителството.
„Вие што не сте отишле, не е крив ниту Судот, ниту Обвинителството“,
рече судијката, по што даде пауза за одбраната да се запознае со изјавата на овој сведок.

Одбраната на Александар Нацев, Јане Јанчевски и агенцијата „Рубикон“ предложи распитот на овој сведок да се прекине и со него да се продолжи на следното рочиште, а одбраната за тоа време да се запознае со неговиот исказ даден во истрага.
Вработена во сметководствено биро кое соработувало со Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ денеска на судењето за пожарот во „Пулс“ сведочеше дека никогаш не сретнала некаков материјален документ дека помеѓу „Пулс “ и „Рубикон“ постоела деловна соработка. Додека, сведокот Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за изнајмување за настани – озвучување, осветлување и сценски ефкети сведочеше дека година и половина пред трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани им продал опрема (бокс за далечинска активација) и прскалки на сега покојниот вокалист Владимир Блажев – Панчо и член од ДНК.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Судењето продолжува на 12 март.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството.
