Зборувајќи за пожарот во Кочани, Горан Игновски, сопственик на фирмата „Чкаља“ ДООЕЛ во Кисела Вода, каде што можат да се купат реквизити за сценски ефекти, посочи дека врз основа на она што го видел од видеата, заклучил дека прскалките што се користеле вечерта во „Пулс“ биле несоодветни и со домет поголем од три метри. Смета дека ако се користеле прскалки со домет од метар и половина или два метри, немало да настане пожар. Според него, такви прскалки, со домет од три метри, се продаваат на Бит-пазар и се исклучиво за надворешна употреба
На денешното рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија сведочеше Горан Игновски, кој повеќе од 34 години работи со продажба и сервис на опрема за изнајмување настани, како озвучување, осветлување и сценски ефекти. Тој зборуваше за техничките аспекти на пиротехничките средства што биле користени за време на настапот на групата ДНК пред избувнувањето на пожарот во „Пулс“.

Според него, пред да се случи трагедијата во Кочани, но не давајќи конкретен временски период, на настап на ДНК во дискотеката „Де факто“ во Гевгелија, со прскалки и истото шоу, се запалиле платно и звучници.
Зборувајќи за пожарот во Кочани, посочи дека врз основа на она што го видел од видеата, заклучил дека прскалките што се користеле вечерта биле несоодветни, со домет поголем од три метри.
„Да користеле прскалки со домет од метар и половина или два метри, немаше да настане пожар. Такви со домет од три метри се продаваат на Бит-пазар и се исклучиво за надворешна употреба. На самите прскалки пишува колкав им е дометот и дали се за внатрешна или надворешна употреба“,
рече сведокот.
Игновски во својот исказ рече дека продаваат бикови, ЛЕД-фарови, машини за конфети, дим-машини, ладни фонтани, прскалки на прашок, односно реквизити што се користат при поголеми настани и свадби.
Според него, сопственици на ресторани многу ретко купувале таква опрема, најчесто изведувачите тоа го практикувале за нивните сценски настапи.
Потоа, детално ја објасни и разликата меѓу топли и ладни прскалки, што, според него, е клучен момент за безбедноста.
„Постојат топли и ладни фонтани и за внатрешна и за надворешна употреба. Топлите фонтани работат со барут и се со истиот состав како и прскалките што се ставаат на роденденските торти. Имаме набавувано куферчиња за активација на топлите фонтани, сме ги увезле легално. Примероци од тоа им дадовме на надлежните во истрагата за да ги вештачат. Начинот на активација е таков што се става патрон во кутија и во даден момент се активира со далечинско. Дискретни се, и може да се постават, на пример, наутро, а да се вклучат навечер. Ладните фонтани се големи кутии, 30 на 20, и се доста видливи на сцена, тие се поисплатливи да се користат, ама уредот е скап да се купи, па повеќето ги користат топлите фонтани“,
кажа сведокот.
Ја појасни и разликата меѓу топлите и ладните прскалки, нагласувајќи дека при допир со топлите –доаѓа до горење, а во ладните и рака да се стави, нема да ве изгори.
Куферчиња за активирање фонтани, како и други работи како балони, прашок и топли фонтани, се продавале легално со декларација увезени од Кина, по цена од 150 евра една.
Според сведокот, ладните прскалки на прашок се 500 евра, а за да се направи ефект треба да се купат четири и е многу поскапо, поради што многу помалку се користат.
„Куферчињата што ги продававме беа со осум бази и два далечински управувачи. Постојат и со 12 и 4 бази. Процесот на активација е на начин што се става прскалката во уредот и батерија внатре и е во ‘стенд бај‘ позиција. Отприлика може да се активира на 50 до 150 метри далечина. Патрони има за метар, два и три и тој што го користи треба да знае дека има за внатрешна и надворешна употреба. Тие за надвор се помалку запаливи. Полнењето е барут со магнезиум и алуминиум прашина. Буквално исти како тие за торти, само што тие се помали, до 30 сантиметри и помал домет“,
вели Игновски.
Горан Игновски, како сопственик на фирмата „Чкаља“ ДООЕЛ во Кисела Вода, односно на брендот „Д-аудио“, одговараше на прашања на Обвинителството, посочувајќи дека го познавал Панчо, а година и половина пред трагичниот настан во Кочани, нему и на уште еден член од ДНК, за кој подоцна дознал дека се вика Буцо, им продал опрема, како куферче за далечинска активација и осум патрони за топли фонтани.
Куферчињата, како што додаде, ги продавал легално во продавница, а топли прскалки никогаш не продавал бидејќи биле потребни многу дозволи.
Од Бугарија имал донесено околу 100 топли прскалки „Тропик“, за кои рече дека биле за демонстрација на клиентите за куферчињата, како и дека осум такви продал на ДНК.
На прашањето зошто смета дека прскалките што им ги продал тогаш на ДНК не се тие што се употребени вечерта во „Пулс“, со оглед на тоа дека се пронајдени остатоци од прскалки од истата фирма, сведокот рече дека ДНК оттогаш до трагичниот настан на секој настап користеле прскалки, што значи дека оттогаш употребиле повеќе од 100 до 200 прскалки.
„Доставив слики од видеа и фотографии од настани на ДНК. Во изминатите година и половина имаат потрошено 100 до 200 прскалки за настаните, Значи на секој настан користеле прскалки. Дополнително, немам продадено прскалки на некој, ниту ме контактирал некој“,
рече тој додавајќи дека прскалките што тој ги донел биле од два метри, за внатрешна употреба.
Одговарајќи на прашање упатено од бранителката на првообвинетиот во случајот, Игновски потврди дека топлите фонтани ги набавил нелегално од Бугарија од фирмата „Тропик“, а потоа му продал неколку на Панчо.
За тоа дали сопственикот на објектот Дејан Јованов и неговиот син побарале да купат прскалки, тој одговори негативно.
„Не го познавам човекот, ниту неговиот син“,
кажа сведокот.
Бранителката на обвинетите од Министерството за економија побара во забелешка да биде ставено кој треба повеќе да е на обвинителна клупа, обвинетите од Министерството што издале лиценци во 2011 година, или овој сведок што криумчарел пиротхеника, на црно ја држел во својата продавница, ја продавал и ставил на располагање општо опасно средство од кое загинале сите овие луѓе, по што обвинителот одговори дека не треба да се дозволат овие забелешки, посочувајќи дека луѓето не загинаа од активација на пожар, туку од што немале каде да избегаат.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
