Јавниот обвинител најави дека на крајот од денешното рочиште ќе се произнесе пред Судот во однос на сведоците со кои не може да стапи во контакт за да бидат повикани со судска наредба
Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство денеска во судницата во Идризово продолжува судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

За денешното рочиште беа повикани пет сведоци на Обвинителството, но се очекува да бидат сослушани четворица, кои, како што пренесе МИА, се обезбедени.
Јавниот обвинител најави дека на крајот од денешното рочиште ќе се произнесе пред Судот во однос на сведоците со кои не може да стапи во контакт за да бидат повикани со судска наредба.
Претходно, Судот го повика Обвинителството да се произнесе по барањето на обвинетиот Љупчо Папазов, за укинување на мерката притвор и по наоѓање на Судот определување мерки на претпазливост.
Во врска со предлогот, јавниот обвинител побара по него да се произнесе на следната главна расправа бидејќи, како што наведе, во овој момент ги нема сите информации.
На претходното рочиште, сведочеше пи-арот на музичката група ДНК, кој, меѓу другото, кажа дека прскалките од пиротехниката биле од бендот, набавени легално од продавница во скопската населба Кисела Вода. Покрај него, искази пред Судот дадоа и лица кои биле редовни гости во т.н. кабаре. Тие ги опишаа настаните рано утрото на 16 март, минатата година кога се случи трагичниот пожар.
На рочиштето во четвртокот (5 март) сведочеше 21-годишната Мартина Ристовска, која случајно го снимила пожарот на видео за Инстаграм. Но, тоа, како што рече, го забележала дури следниот ден, кога го гледала видеото.
Таа, меѓу другото, посочи дека им е благодарна на обезбедувачите, посочувајќи ги по име – Лазар и Столе, велејќи дека ѝ го спасиле животот, но и дека се жртвувале за да спасат што повеќе присутни.
Судот на ова рочиште, одлучувајќи по предлог од одбраната, реши да не ги спои тековната судска постапка и новиот обвинителен акт против 13 полициски службеници за истиот кривичноправен настан од пожарот во „Пулс“, поднесен на 30 јануари годинава, со образложение дека евентуалното спојување би довело до одолговлекување на сите постапки.
Судијката Диана Груевска-Илиевска оцени дека имајќи ја предвид фазата на доказна постапка и фактот што ОЈО ГОКК има поднесено уште три постапки со вкупно 25 обвинети, од кои едната е во завршна фаза, спојувањето би било спротивно на начелото на економичност и обврската судот да постапува без непотребно одолговлекување, во интерес на обвинетите.
Судијката рече дека освен тимот од 15 обвинители што постапуваат по овој предмет, би било потребно и присуство на дополнителни обвинители од ОЈО ГОКК.
На ова реагираше бранителот на обвинетиот Шофкет Хазари, адвокатот Петре Шилегов, кој наведе дека бидејќи Судот донел посебно решение без да изврши увид во доказите за другите предмети, не е можно да се знае во која фаза се тие постапки. Според Шилегов, така се задира во начелото на законитост на постапката, затоа што одбраната нема пристап до доказите што обвинителството ги користи парцијално.

Застапниците на обвинителниот акт посочија дека не се надлежни да се произнесат по барањето за спојување, бидејќи обвинението е покренато од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Тие истакнаа дека „зачудува барањето на одбраната за спојување на постапката, со оглед на тоа што истата одбрана претходно приговараше за обемноста на предметот и бројот на обвинети“.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
