„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство. Денес се случи убиство. Денес потфрлија МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем… После години пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство среде државна институција, ги загубив внуката и сестрата. Државата овозможи да згаснат млади животи“, пишува Александар Стојаноски на Фејсбук
Вечерва на социјалната мрежа Фејсбук се огласи братот на младата жена која со своето дете беше пронајдена мртва по пад од балкон во скопската населба Тафталиџе. Како што посочува Александар Стојаноски во објавата, државата и институциите денеска овозможиле да згаснат млади животи и ја повика јавноста да не шпекулира во врска со тоа што се случило.

„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство. Денес се случи убиство. Денес потфрлија МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем… После години пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство среде државна институција, ги загубив внуката и сестрата. Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа! Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања институциите не постапија досега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!“,
пишува Стојаноски.
Тој посочува дека сестра му денеска требала повторно да оди во социјално.
„Со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче, прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости им на овие неспособни институции, а јас, вујче, нема никогаш да простам и да заборавам. Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем!“,
додава Стојаноски во објавата.
Како што претходно објавивме, мајка и дете попладнево беа пронајдени мртви во скопската населба Тафталиџе по пад од балкон од зграда.
Телата на жртвите биле пронајдени кај станбен комплекс помеѓу улицата „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Тафталиџе, нешто по 14 часот.
Пријавата стигнала во Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево во 14:15 часот, а полициски екипи и обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје и излегоа на терен да извршат увид на местото на настанот. Случајот во полиција бил пријавен како самоубиство, но од МВР изјавија дека делото не може да биде квалификувано додека не заврши увидот.
Од МВР засега сè уште нема официјални информации за тоа што точно се случило. Повеќе детали се очекуваат откако ќе заврши увидната постапка.
