Лицето е приведено во полициска станица, а со судска наредба е извршен и претрес во неговиот дом во селото, од каде што се одземени повеќе електронски уреди
Уапсен е 18-годишник во тетовското село Палатица осомничен дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки со лажни дојави за бомби во повеќе тетовски училишта, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Лицето е приведено во полициска станица од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР во координација со тие од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово.
Со судска наредба е извршен и претрес во неговиот дом во селото, од каде што се одземени повеќе електронски уреди.
„Денеска во 9 часот во селото Палатица, Тетовско, полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР во координација со полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово го лишиле М.Р. (18) од село Палатица. Лицето се сомничи дека во повеќе наврати испраќало електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во нивните објекти има поставено експлозивни направи“,
се вели во полициското соопштение.
Како што информираат од полицијата, по преземените мерки и извршени проверки, е констатирано дека сите дојави за поставени бомби се лажни.
По целосно документирање на случаите, во координација со јавен обвинител, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 23 февруари годинава МВР информира за лажни дојави за бомби, пријавени дента во неколку училишта во Скопје и Тетово.
Една недела претходно, во тетовската полиција било пријавено за поставена бомба во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во истиот град, а по извршените контроли од полициските службеници беше утврдено дека станува збор за лажна дојава.
