Воздушните удари доаѓаат откако авганистанските сили вчеравечер ги нападнаа пакистанските гранични трупи, потег што талибанската влада во Кабул го означи како одмазда за претходните смртоносни напади извршени од Исламабад
Пакистанските сили утрово го бомбардираа главниот град на Авганистан, Кабул, и други две провинции, неколку часа откако авганистански трупи изведоа напад на границата на својот сосед, пренесоа светските медиуми наведувајќи дека станува збор за најнова ескалација меѓу двете земји и покрај договорот за прекин на огнот што лани го потпишаа со посредство на Катар.

Како што објави „Гардијан“, по неколкумесечни судири од типот „око за око“, авганистанските сили вчеравечер ги нападнаа пакистанските гранични трупи, а талибанската влада во Кабул потегот го означи како одмазда за претходните смртоносни напади извршени од Исламабад.
Неколку часа подоцна, најмалку три експлозии одекнале во Кабул, но засега нема непосредни информации за точната локација на нападите во главниот град на Авганистан, ниту за евентуални жртви.
Премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф, утрово изјавил дека вооружените сили на неговата земја бил можеле да ги прегазат агресорите и дека нацијата стои рамо до рамо со своите вооружени сили, додека министерот за одбрана на земјата, Хаваџа Мохамад Асиф, прогласил отворена војна со својот сосед.
Министерот во објава на социјалната платформа Икс изјави дека Пакистан се надевал на мир со Авганистан по повлекувањето на НАТО од земјата, и оти очекувал талибанците да се фокусираат на благосостојбата на авганистанскиот народ и на регионалната стабилност.
Наместо тоа, наведува тој, талибанците собрале милитанти од целиот свет и почнале, како што вели, да извезуваат тероризам.
„Нашето трпение истече. Сега ова е отворена војна меѓу нас“,
наведе министерот за одбрана на Пакистан.
Засега нема реакција од владините претставници на Авганистан на коментарите на Асиф.
Односите меѓу двете соседни земји се влошија во последните неколку месеци, а копнените граничи премини во голема мера се затворени по смртоносните борби што се случија во октомври и во кои загинаа повеќе од 70 лица од двете страни.

Исламабад го обвинува Авганистан дека не дејствува и не презема никакви мерки против милитантните групи кои вршат напади во Пакистан, што, од друга страна, владата на талибанците во Кабул постојано го негира.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, како што пренесе портпаролот на светската организација, Стефан Дужарик, ги повикал двете страни да ги заштитат цивилите согласно меѓународното право и да продолжат со обидите за решавање на меѓусебните разлики по дипломатски пат.
Коментирајќи ги денешните воздушни напади, пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви нападите врз Авганистан ги оценил како соодветен одговор на агресивното однесување на Кабул.
„Вооружените сили на Пакистан дадоа соодветен одговор на отворената агресија на авганистанските талибанци“,
рекол Накви, пренесува „Гардијан“.
Портпаролот на владата во Исламабад, Забиула Муџахид, изјавил дека Пакистан, исто така извршил воздушни напади во Кандахар и во југоисточната провинција Пакистан.
Претходно, властите на Авганистан соопштија дека нивната војска го извршила прекуграничниот напад врз Пакистан како одмазда за смртоносните пакистански воздушни удари на нивните гранични области во неделата, тврдејќи дека зазела повеќе од десет пунктови на пакистанската армија.
Напорите за постигнување траен договор меѓу двете земји засега не вродија со плод, а преговорите и почетниот прекин на огнот, посредуван од Катар и Турција во октомври, изгледаат сè понесигурни, наведуваат светските медиуми.
Министерството за одбрана на Авганистан соопшти дека 55 пакистански војници биле убиени во вчерашниот напад, додека неколкумина се заробени живи. Во борбите, според тврдењата на Кабул, загинале осум нивни војници, а 11 биле ранети.

Од друга страна, пак, министерот за информации на Пакистан, Атаула Тарар, изјави дека бројот на убиени пакистански војници изнесува двајца, а тројца се ранети. Според него, од противничката страна се пријавени 36 убиени војници.
Пакистан и Авганистан делат граница долга 2 611 километри, позната како линијата „Дуранд“, која Авганистан формално не ја признава.
Тензијата меѓу двата соседа трае со месеци, а во октомври во смртоносни гранични судири загинаа десетици војници, цивили и осомничени милитанти. Насилството следеше по експлозиите во Кабул за кои авганистанските власти го обвинија Пакистан. Исламабад тогаш спроведе напади длабоко во Авганистан, чија цел, како што наведоа тамошните власти, биле засолништата на милитантите.
