Тоска упати критики и до коалицијата ВЛЕН, прашувајќи зошто нивните структури молчат пред, како што рече, „тешкото уставно прекршување“
Министерот за правда Игор Филков во одговорот беше дециден дека законите мора да важат подеднакво за сите и дека во моментов не постои законска можност за полагање на правосудниот испит на јазик различен од македонскиот

Прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик предизвика вербална пресметка меѓу пратеничката од ДУИ, Дијана Тоска, и министерот за правда Игор Филков за време на денешната собраниска седница.
Пратеничката Тоска, повикувајќи се на петиција потпишана од 358 студенти од Правниот факултет, го обвини министерот Филков за директно кршење на Уставот и на Законот за употреба на јазиците и дека ова е тенденција на Владата да го минимизира албанскиот јазик.
Таа истакна дека правото на употреба на албанскиот јазик е стекнато со жртви и претставува темел на мултиетничката држава.
„Вие како министер отворено ги покажавте вашите шовинистички ставови не дозволувајќи им на студентите да го полагаат испитот на својот мајчин јазик. Јазичната еднаквост не се преговара, ниту, пак, се релативизира. Таа се спроведува. Секое поинакво дејствување ќе наиде на наш цврст институционален и политички отпор. Албанскиот јазик нема да се врати на нула, заборавете го тоа, нема да го дозволиме тоа“,
рече Тоска.
Таа упати критики и до коалицијата ВЛЕН, прашувајќи зошто нивните структури молчат пред, како што рече, „тешкото уставно прекршување“.
Тоска побара од министерот Филков да изнесе еден одржлив аргумент за оваа одлука, а не, како што рече, празни зборови мотивирани од идеолошки и националистички убедувања.
Министерот за правда Игор Филков во одговорот беше дециден дека законите мора да важат подеднакво за сите и дека во моментов не постои законска можност за полагање на правосудниот испит на јазик различен од македонскиот.
„Правосудниот испит е стручен испит, не е управна постапка. Прашајте ги вашите осум министри за правда што правеа во изминатите 20 години. Времето на национал-романтизам заврши, денес се работи по Устав и закон“,
истакна Филков.
Министерот од говорницата покажа двојазично уверение потпишано од него, со цел да ги отфрли обвинувањата за национализам, и додаде дека Министерството издава такви документи на секој што ќе побара. Тој исто така порача дека со „кривичнaта пријава ама баш никого не плашите“.
Незадоволна од одговорот, пратеничката Тоска го нарече настапот на Филков трагикомичен, нагласувајќи дека студентите веќе го совладале македонскиот јазик низ образованието и дека барањето за полагање на мајчин јазик е лесно спроведливо и уставно загарантирано право.
Околу прашањето за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, Демократската унија за интеграција (ДУИ) минатата недела поднесе кривична пријава против министерот за правда, обвинувајќи го за прекршувања на Уставот и законите.
Од ДУИ тогаш рекоа дека причина за кривичната пријава е одбивањето на Министерството да организира правосуден испит на албански јазик. Според партијата, со ова директно се кршат член 7 од Уставот и членовите 1, 2, 3 и 9 од Законот за употреба на јазиците, кои го признаваат албанскиот јазик како службен јазик покрај македонскиот и ги обврзуваат државните институции да обезбедат употреба на службениот јазик на странките во службените постапки и документи.
Од ДУИ потенцираат дека државните институции се законски обврзани да обезбедат службените процеси и документи да се спроведуваат и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.
Министерот за правда Игор Филков на почетокот од месецов рече дека во Министерството била разгледана петиција поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно биле анализирани сите релевантни уставни и законски одредби.
Тој додаде дека Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството.
Неговата тогашна објава на Фејсбук следуваше како реакција на изјавите на вицепремиерот Беким Сали за полагањето на правосудниот испит на албански јазик.
За преписките помеѓу Филков и Сали и за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, премиерот Христијан Мицкоски повикувајќи се на амандманот V oд Уставот, рече дека правосудниот испит може да се полага и на албански јазик, но претходно тоа треба да биде утврдено со закон. Актуелниот закон, како што кажа Мицкоски, не го дозволува тоа.
