Во авионската несреќа, покрај Трајковски животите ги загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски
На денешен ден пред 22 години во местото Ротимље во близина Мостар (Босна и Херцеговина) во авионска несреќа животите ги загубија поранешниот претседател Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски денеска ќе биде одбележана во Скопје, во неговата родна Струмица и во Ротимље.

Членови на семејствата, државни и други делегации ќе положат цвеќе на гробот на Трајковски на Градските гробишта во Бутел, во Скопје, и на спомен-обележјата во Ротимље и во Струмица.
Во авионската несреќа, покрај Трајковски, животите ги загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Владиниот „кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
За причините и околностите за паѓањето на владиниот авион беа спроведени две истраги.
Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот во Мостар, во услови на сложена метеоролошка состојба – густа магла и облачност.
На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското Министерство за внатрешни работи (МВР), беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на државата, од нејзиното осамостојување, во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.
Трајковски дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи.
Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешнополитички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.
За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
