Интегративците апелираат Игор Филков да се воздржи од каква било натамошна јавна интервенција по однос на ова прашање, а доколку ваквата пракса продолжи, велат дека министерот за правда мора веднаш да биде разрешен со цел заштита на независноста на судството во овој, според ДУИ, чувствителен момент
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) обвини дека министерот за правда Игор Филков извршил притисок врз судиите и обвинителите со денешната изјава во која кажа дека мора да постои одговорност со „име и презиме“ во врска со одлуката Артан Груби да оди во куќен наместо во ефективен притвор.

Незадоволни од денешниот јавен настап на Филков, од ДУИ велат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како ќе дејствуваат судските органи, оценувајќи ја изјавата на министерот за правда како директно мешање во тековниот процес и загрозување на интегритетот на постапката.
„Улогата на Министерството за правда е токму да го заштити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи кога политичката поларизација врши голем притисок врз поединци во рамките на правосудниот систем. Наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, министерот за правда дополнително го поттикнува, создавајќи клима на однапред одредена одлука и јавно упатувајќи пораки што претставуваат притисок врз обвинителите и судиите“,
наведуваат од ДУИ во писменото соопштение.
Интегративците апелираат Филков да се воздржи од каква било натамошна јавна интервенција по однос на ова прашање, а доколку ваквата пракса продолжи, велат дека министерот мора веднаш да биде разрешен со цел заштита на независноста на судството во овој, според ДУИ, чувствителен момент.
Од партијата на Али Ахмети велат дека ќе продолжат да го следат случајот, а за случувањата ќе бидат известени стратегиските партнери САД, ЕУ и Мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Министерот за правда Игор Филков претходно денеска ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат итни седници и да утврдат дали има елементи за одговорност кај јавниот обвинител кој побара и судијата што одобрил куќен наместо ефективен притвор за поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, кој вчера се појави на македонско-косовската граница по повеќе од една година бегство.
