Според Стојаноски, утре ќе биде закажана пленарна седница на која ќе се гласа потребата од донесување на законите. Појасни дека со дадениот рок од Деловникот од шест часа веднаш ќе бидат закажани законите и потоа ќе бидат вратени на пленарната седница и уште утре ќе бидат изгласани

Платите на избраните и именуваните функционери во државата ќе се намалат за износ од 10 000 до 13 000 денари, а кај одредени позиции кратењето ќе биде уште поизразено. Ова денеска го соопшти пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, информирајќи дека пратеничката група веќе доставила пакет-измени на шест закони до Собранието.
Стојаноски вели дека целта на измените што ги предлагаат е поправична распределба на буџетските средства и усогласување со економските услови во државата.
Според Стојаноски, утре ќе биде закажана пленарна седница на која ќе се гласа потребата од донесување на законите. Појасни дека со дадениот рок од Деловникот од шест часа веднаш ќе бидат закажани законите и потоа ќе бидат вратени на пленарната седница и уште утре ќе бидат изгласани.
„Основната цел е платите на функционерите да се усогласуваат со реалните економски услови во државата“,
рече Стојаноски на прес-конференција.
Тој информира оти пакетот од шест закони ги опфаќа платите на пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот и Обвинителскиот совет, како и градоначалниците.
„Со предложените решенија се врши интервенција во висината на коефициентите, со што се обезбедува рационално користење на средствата од буџетот“,
рече тој нагласувајќи дека измените се целосно во согласност со Уставот.
Според предложените измени, се предвидува платите на пратениците и функционерите во извршната власт да се намалуваат преку пониски коефициенти. Кај судиите и обвинителите се врши усогласување со економските можности, а за градоначалниците се воведува нова скала според бројот на жители.
Стојаноски извести и дека заштедените средства ќе се пренаменат за здравство, образование и социјала, а намалувањето ќе важи веќе со исплатата на февруарската плата.
Инаку, иницијатива за намалување на функционерските плати на 4 овој месец поднесоа и од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Во иницијативата од ССМ се вели дека членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката се менува и се додава дека основицата за пресметување треба да е минималната плата, според податоците на Државниот завод за статистика.
Во членот 2 од иницијативата се додава дека коефициентите за утврдување на надоместокот на плата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица се намалуваат за 40 проценти. Ова, како што велат, значи за 80 отсто намалување на функционерските плати.
